Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Охрид учествуваше и се обрати на отворањето на 17 Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, со поддршка на Министерството за внатрешни работи.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека темата на конференцијата го отсликува периодот на брзи технолошки и општествени промени во кој безбедносните ризици стануваат сè подинамични, а институциите мора навремено да ги приспособуваат своите капацитети, знаења и начини на работа.
„Науката е мотор на практиката и стожер без чии визии и идеи е невозможен вистински напредок. Безбедносната сфера, поради својата динамичност и поврзаноста со брзиот општествен и технолошки развој, постојано отвора нови прашања и предизвици. Затоа одлуките во безбедносниот сектор мора да се темелат на стручност, научни сознанија и практично искуство“, истакна Тошковски.
Министерот нагласи дека развојот на паметните технологии отвора значајни можности за унапредување на полициското работење, превенцијата и откривањето на безбедносните ризици, но истовремено создава и нови предизвици на кои институциите треба да бидат подготвени да одговорат.
„Современата полиција мора постојано да се развива. Тоа подразбира инвестиции во луѓето, нивното знаење и обука, но и воведување современи технологии и користење на научните сознанија во практичното работење. Научните трудови и заклучоците од ваквите конференции не треба да останат само дел од академската дебата, туку да бидат дополнителна основа за креирање подобри и поефикасни решенија во безбедносниот систем“, потенцираше министерот.
Тошковски се осврна и на долгогодишната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, оценувајќи дека поврзувањето на науката со практиката е особено значајно за натамошниот развој и професионализација на полициската служба.
Тој посочи дека специфичноста на современите безбедносни предизвици бара постојана размена на знаења и искуства, како и соработка меѓу институциите, академската и експертската јавност, но и регионална и меѓународна координација.
„Безбедноста е област во која знаењето не смее да остане само на хартија. Научните сознанија треба да се преточат во практични решенија што ќе ја направат полицијата поефикасна, институциите поотпорни, а граѓаните побезбедни. Токму во тоа ја гледам вредноста на оваа конференција – да отвори прашања, да понуди нови гледишта и да создаде идеи кои ќе можат да најдат реална примена“, рече Тошковски.
На крајот, министерот им посака успешна работа на учесниците на 17. Меѓународна научна конференција и изрази очекување дека дискусиите и научните трудови ќе придонесат кон подобро разбирање на безбедносните ризици и предизвици што ги носи периодот до 2030 година, како и кон развивање современи и одржливи одговори на нив.