Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Ставревски на министерскиот состанок на Салцбуршкиот форум: Македонија активно придонесува кон европската безбедносна архитектура

Ставревски на министерскиот состанок на Салцбуршкиот форум: Македонија активно придонесува кон европската безбедносна архитектура

На овогодинешниот министерски состанок во рамки на Салцбуршкиот форум, кој под унгарско претседателство се одржа на 9 и 10 март во Егерсалок, Унгарија, во име на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше неговиот шеф на кабинет Ристо Ставревски.

Ставревски се обрати на третата и четвртата сесија посветени на „Првичните искуства со воведувањето на Европскиот систем за влез/излез (EES)“ и „Статусот на договорите со Фронтекс и зајакнувањето на силите во Западен Балкан“.

Во своето обраќање на третата сесија, Ставревски истакна дека иако Македонија не е членка на Европската Унија, таа активно придонесува кон новата европска безбедносна архитектура и внимателно ги следи процесите поврзани со имплементацијата на European Entry/Exit System (EES).

„Иако директно не го спроведуваме системот, ние сме дел од новата европска безбедносна архитектура. EES не е само нов ИТ систем на границите, туку суштинска трансформација која го менува управувањето со надворешните граници и поставува нови стандарди за ефикасност и заштита на податоците“, нагласи Ставревски, посочувајќи дека клучен предизвик во иднина ќе биде интероперабилноста и поврзаноста меѓу националните и европските бази на податоци.

На четвртата сесија, посветена на соработката со Фронтекс и зајакнувањето на капацитетите во регионот, Ставревски ја истакна важноста од оперативната поддршка и партнерството меѓу земјите од Западен Балкан и европските институции.

„Безбедноста на границите на Западен Балкан е директно поврзана со безбедноста на Европа. Нашата соработка со Фронтекс ја оценуваме како високо професионална и суштинска, а заедничките операции покажуваат дека кога ресурсите и знаењето се обединети, резултатите се видливи на терен“, потенцираше Ставревски.

Тој додаде дека во иднина е потребно дополнително зајакнување на оперативната соработка, поголема флексибилност во распоредувањето на капацитетите и натамошно усогласување на националните системи со европскиот систем за интегрирано гранично управување.

Мени за пристапност