Министерот за внатрешни работи денеска оствари средба со новоакредитираниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Ола Солстром.
На средбата беше потврдено традиционалното пријателство и долгогодишната успешна соработка меѓу двете земји, заснована на доверба и партнерство. Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка што Владата на Кралството Шведска ја обезбедува – како во процесот на зајакнување на капацитетите на македонската полиција преку шведската полиција, така и во насока на европските интеграции на државата.
Амбасадорот Солстром ја поздрави посветеноста на Владата и Министерството за внатрешни работи во борбата против криминалот и корупцијата и се заблагодари за придонесот на МВР во одржувањето на мирот, стабилноста и безбедноста во државата.
На средбата беше нагласено и значењето на заедничкиот проект „Шведска поддршка за полициските реформи“, кој се реализира со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (SIDA) во времетраење од три години, како уште еден јасен показател за успешното партнерство меѓу двете земји.