Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од помошник-директорот на Бирото за јавна безбедност за криминалистичка полиција Илија Чалшев Менис и началникот на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал Филип Филиповски, учествуваше на регионална тркалезна маса на тема „Организиран криминал – партнерство за едукација“, која се одржа во Република Хрватска.
На тркалезната маса беа разгледани актуелните предизвици и новите трендови поврзани со организираниот криминал, како и хибридните закани, вклучително и заканите со бомби. Особено беше нагласена потребата од навремена и ефикасна размена на точни и релевантни информации меѓу партнерските полициски служби со цел поуспешно справување со современите безбедносни предизвици.
Во рамки на состанокот беше потврдена и исклучително успешната соработка на македонската криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со партнерските служби, вклучително и ФБИ и ДЕА, во заедничката борба против организираниот криминал и другите форми на сериозен криминал.