На 19.09.2026 во 16:55 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за општ и насилен криминал, ги лишиле од слобода С.У.(26) од с.Долно Палчиште и А.Е.(34) од с.Липково, општина Липково, поради сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“ по член 235 и член 236 од Кривичниот законик. Од лицето А.Е. е одземено патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, а на неколку локации на подрачјето на с.Камењане и с.Палчиште пронајдени се и одземени ловечка пушка и ловечки карабин, како и поголема количина на муниција и патрони од различен калибар и повеќе предмети кои потекнуваат од кривичните дела.
Истиот ден, во 18:50 часот, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во дом и помошни простории кај Б.У. (26) во с.Долно Палчиште, по што и тој бил лишен од слобода.
Во продолжение на активностите, на 20.09.2026 во 02:20 часот во Полициска станица Тетово е задржан и А.А.(34) од с.Отља, липковско, претходно лишен од полициски службеници од СВР Куманово, при што од него било одземено патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки.
Сите лица се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.