„И јас и ти сме пешаци“, „Носи кацига“, „Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, се дел од превентивно-едукативните кампањи што СВР Охрид ги реализира во текот на главната туристичка сезона. Целта е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Полициските службеници од Отсекот за превенција на повеќе локации во градот остваруваат кратки средби со граѓаните и туристите кои престојуваат во Охрид, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и, низ кратки разговори, ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите вредни предмети што ги имаат и да не ги оставаат необезбедени. Исто така, на пофрекфентните сообраќајници, се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори, а не на коловози, тротоари и велосипедски патеки.
Пешаците пак да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки... На граѓаните и туристите им се делат и едукативни летоци со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици.