На 23.06.2026 полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, на наплатните станици „Отовица“, „Сопот“ и „Градско“, реализираа превентивни активности во рамки на кампањата „Безбедно во лето- вози одморен, вози одговорно“. На возачите во непосредна комуникација им беше укажувано за важноста да бидат одморени кога управуваат возило, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето.
Исто така, им беше нагласено дека во овој период, кога е зголемен бројот на туристи кои транзитираат низ земјава по автопатската делница А1 и возачите минуваат стотици километри на пат кон туристичките дестинации, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето и да се следат препораките за безбедно возење. Полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци пак, реализираа сообраќајна превентивна активност со посебен акцент на потребата за свесност кај возачите, да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Полициски службеници од ПО БПС Берово во Берово денеска реализираа превентивни активности насочени кон возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди, при што возачите беа потсетени на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, особено за обврската за носење заштитен шлем. Во Свети Николе, превентивните активности беа насочени кон запознавање на граѓаните со последиците што можат да настанат доколку користат мобилен телефон додека управуваат возило. Со овие активности уште еднаш беше потенцирана потребата за подигнување на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот на патиштата, преку почитување на сообраќајните прописи и одговорно однесување, со цел да ги заштитат својата, безбедноста на нивните семејства и другите учесници во сообраќајот, а во рамки на истите, беше поделен печатен едукативен материјал.
Во Делчево пак, денеска полициски службеници од ПС Делчево и РЦГР Исток реализираа превентивни активности насочени кон спречување на пожари и бесправна сеча. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“. Полициски службеници од СВР Скопје денеска реализирана работна средба во Општина Сарај, со претставници од општината, на која тема беа мерките и активностите за спречување на појава на пожари, а на работна средба во Општина Карпош тема беа мерките за справување со врсничко насилство, одржувањето на јавниот ред и мир, како и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот.