Двајца полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи во МВР учествуваа на специјализирана обука на ROADPOL за откривање и спречување манипулации со тахографи, која се одржа во Хаселт, Белгија.
На обуката учествуваа 18 претставници на надлежните институции од 13 европски држави, меѓу кои и Македонија, како и претставник на Генералниот директорат за мобилност и транспорт на Европската комисија (DG MOVE). Обуката беше организирана од ROADPOL во соработка со EuroControleRoute (ECR).
Во рамки на обуката, учесниците ги унапредија своите знаења и вештини за препознавање на најновите облици на манипулации и измами со тахографи, како и за поефикасно спроведување на контролите во патниот транспорт.
Почитувањето на правилата за управување со возилата и задолжителните периоди за одмор е од клучно значење за спречување на заморот кај професионалните возачи и намалување на ризиците во сообраќајот. Откривањето на манипулациите со тахографите придонесува за зголемување на безбедноста на патиштата, заштита на сите учесници во сообраќајот и обезбедување фер конкуренција во транспортниот сектор.
Секторот за сообраќајни работи континуирано работи на унапредување на професионалните капацитети на полициските службеници, преку поддршка на нивното стручно усовршување, учество на специјализирани обуки и размена на искуства со меѓународни партнерски организации. Ваквите активности придонесуваат за зајакнување на институционалните капацитети на МВР, унапредување на контролите во патниот транспорт и јакнење на меѓународната соработка, со крајна цел – поголема безбедност на патиштата.