Денеска (27.10.2026), во Скопје, со обраќање на помошник министерот на Полициската академија, Влатко Митковски, свечено беше отворена првата меѓународна работилница на Меѓународната асоцијација на полициски академии – INTERPA, посветена на темата „Женско лидерство во полициското работење“.
Работилницата се одржува од 26 до 29 октомври, во организација на Полициската академија, со поддршка на OSCE, а на неа учествуваат претставници од повеќе полициски академии од различни земји во светот, членки на INTERPA. Настанот претставува можност за размена на искуства, знаења и добри практики за унапредување на улогата на жените во полицијата, нивниот професионален развој и пристапот до раководни позиции.
Во своето обраќање, помошникот министер Митковски истакна дека современото полициско работење бара лидерство засновано на професионалност, интегритет, одговорност и доверба, нагласувајќи дека способноста за раководење, одлучноста и храброста не познаваат родови граници.
„Женското лидерство не е само прашање на еднакви можности – тоа е прашање на институционален развој, квалитетно раководење и поголема ефикасност на полициската служба“, истакна Митковски.
Тој посочи дека жените во полицијата имаат значаен придонес во оперативното работење, истрагите, борбата против организираниот криминал, спречувањето на насилството, заштитата на ранливите категории граѓани, како и во стратешкото планирање и управувањето со институциите. Истовремено, нагласи дека е неопходно да се надминуваат стереотипите и да се создаваат услови во кои професионалното напредување ќе зависи од знаењето, компетентноста, резултатите и интегритетот.
Осврнувајќи се на работата на Полициската академија, Митковски истакна дека меѓу кандидатите за полициски службеници има голем број мотивирани девојки и жени кои покажуваат подготвеност да преземат одговорност, да се соочат со безбедносните предизвици и да развиваат лидерски способности.
„Тие кандидатки ги мотивираме со одговорност да бидат лидери на својот тим, да бидат дежурни за целата класа и да развиваат компетенции за командување, за градење тим и за зајакнување на својата самодоверба“, нагласи Митковски.
Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на потребата од транспарентни процеси на унапредување, достапни обуки и менторство, како и создавање организациска култура во која секој полициски службеник, без разлика на полот, ќе има можност целосно да го развие својот професионален потенцијал.
Митковски ја истакна и важноста на меѓународната соработка, оценувајќи дека размената на искуства меѓу полициските академии и службите од различни земји овозможува препознавање успешни модели и развивање решенија приспособени на потребите на институциите.
Во рамки на работилницата се предвидени тематски и практични сесии посветени на улогата на жените во полицијата, лидерските капацитети, управувањето со стресот, комуникациските вештини и донесувањето одлуки. Ќе се разговара и за организациската култура, институционалните промени и родовата еднаквост, а ќе биде претставена и Програмата за родово менторство на Министерството за внатрешни работи.
Учесниците ќе имаат можност да ги презентираат искуствата и добрите практики од своите институции, како и да разговараат за конкретни препораки за унапредување на женското лидерство во полициските структури.