Денеска (26.01.) директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев заедно со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, официјално ја отворија Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – 2026 година.
Програмата се реализира во рамките на проектот „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје“, со цел јакнење на националните капацитети за превенција и сузбивање на различни форми на криминал.
Со денешниот настан се одбележува почетокот на втората обука која се спроведува во рамките на Регионалната програма за сертификација за мириси на производи – 2026 година. Благодарение на континуираната поддршка од нашите партнери од Мисијата на ОБСЕ, како и на експертската поддршка од ФРОНТЕКС, учесниците имаат можност да ги надградат постоечките знаења и практични вештини во областа на работата со полициски службени кучиња.
Преку мултиагенцискиот пристап, поддржан од ОБСЕ, се врши значајна инвестиција во зајакнување на институционалната соработка и во унапредување на капацитетите за навремено откривање и спречување на различни видови криминални појави, со што се придонесува кон зголемување на безбедноста и стабилноста во регионот.