Во изминатите два дена Република Северна Македонија беше домаќин на генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, кој престојуваше во официјална посета на земјата. Посетата беше посветена на натамошното унапредување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Интерпол, јакнењето на меѓународната полициска соработка и развојот на професионалните капацитети на македонската полиција.
Официјалната програма започна во Охрид, каде што генералниот секретар Уркиза беше пречекан од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. На билатералната средба беше разговарано за продлабочување на оперативната соработка, размената на информации и заедничките механизми за справување со организираниот и прекуграничниот криминал. Во рамки на посетата, Уркиза ги посети културно-историските знаменитости на Охрид, како и мешаните македонско-српски полициски патроли и Езерската полиција, каде што беше запознаен со моделот на регионална полициска соработка во текот на туристичката сезона.
Во Скопје, генералниот секретар на Интерпол, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ја посети Полициската академија во Идризово, каде што се обрати пред кадетите и раководството на Министерството. Во своето обраќање Уркиза истакна дека полициските академии се темел на современото полициско работење и дека континуираната обука и меѓународната соработка се клучни за успешно справување со сè покомплексните безбедносни закани. Тој посочи дека членството на Полициската академија во Глобалната академска мрежа на Интерпол претставува значајно признание за професионалните капацитети на Министерството за внатрешни работи.
Во Министерството за внатрешни работи, министерот Тошковски и директорот Јанев остварија работни средби со генералниот секретар Уркиза, на кои беше потврдена заедничката определба за понатамошно јакнење на партнерството со Интерпол, развој на професионалните капацитети, размена на информации и координирано дејствување во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, сајбер-криминалот, трговијата со луѓе, илегалната миграција, тероризмот и финансиските истраги.
Министерот Панче Тошковски истакна дека посетата на генералниот секретар Уркиза претставува силна потврда за довербата што македонската полиција ја ужива во рамки на најголемата меѓународна полициска организација.
„Продолжуваме да инвестираме во модерна, професионална и европска полиција, затоа што само преку силни партнерства, меѓусебна доверба и заедничко делување можеме успешно да се справиме со современите безбедносни предизвици и да обезбедиме поголема сигурност за сите наши граѓани“, истакна министерот Тошковски.
Генералниот секретар Валдеси Уркиза ја поздрави активната улога на македонската полиција во меѓународните операции на Интерпол, нагласувајќи дека Северна Македонија е кредибилен и доверлив партнер кој дава значаен придонес во глобалната борба против транснационалниот криминал.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев истакна дека посетата претставува признание за професионалноста на македонската полиција и потврда за успешно изградената меѓународна соработка.
„Особено значајно е што македонската полиција има свои претставници во структурите на Интерпол, а Националното централно биро Интерпол – Скопје секојдневно дава значаен придонес во меѓународната размена на информации и заедничките оперативни активности. Силните партнерства и меѓусебната доверба остануваат основа за градење побезбедна иднина за сите наши граѓани“, истакна директорот Јанев.
Во рамки на официјалната посета, генералниот секретар на Интерпол оствари средба и со службениците од Националното централно биро Интерпол – Скопје, го посети Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи, а во кругот на Министерството положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите полициски службеници, оддавајќи почит на нивната жртва и служба во заштита на безбедноста на граѓаните.