Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презеде мерки и дејствија по објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук од лицето М.М., во кој беа изнесени наводи за неправилности во постапувањето на полициските службеници при сообраќајна незгода на подрачје на Скопје во која нејзиниот син, како пешак, се здобил со повреди.
Во рамки на проверките, извршени се разговори со полициските службеници кои постапувале по настанот, како и со учесниците во сообраќајната незгода.
Од извршените проверки е утврдено дека полициските службеници од Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР Скопје, по пријавата излегле на местото на настанот, ги презеле потребните службени дејствија и веднаш по извршениот увид го известиле надлежниот јавен обвинител. За истото е изготвено писмено известување и доставено до Основното јавно обвинителство Скопје.
Во однос на наводите дека другиот учесник во сообраќајната незгода имала влијание врз полициските службеници, утврдено е дека на 03.11.2026 година истата била учесник во друга сообраќајна незгода, во својство на оштетена, при што увидот го вршеле истите полициски службеници. Притоа, таа ги препознала полициските службеници, што можело да создаде впечаток дека имала познанство со нив и влијание врз нивното постапување.
Дополнително, Одделот изврши увид и анализа на видеозаписи од безбедносните камери на Министерството за внатрешни работи на подрачјето на Скопје, како и од камери поставени од правно лице. Од анализата е утврдено дека возачот на предметното возило не го напуштила местото на сообраќајната незгода до пристигнувањето на полициските службеници. По ударот, возилото било поместено од пешачкиот премин во десната сообраќајна лента на улицата „Париска“, а возачот останала на местото на настанот до завршувањето на увидот.
По комплетирањето на целокупната документација за настанот, од страна на Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР Скопје ќе биде доставена соодветна пријава против Н.Т. до надлежното јавно обвинителство.