Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи. Пораките обично изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори, како банки, државни институции, реномирани компании, но имаат за цел да ги измамат корисниците и да ги обезбедат нивните лични или финансиски податоци. Најчести се лажните СМС пораки за пристигнати пратки од пошта, а главната цел е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите. За ваков вид на измами изминатава година до Секторот за компјутерски криминал има пристигнато над 50 пријави.
Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвараат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот - официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.