Со почетокот на зимската сезона од 15 ноември до 15 март, почнува да важи законската обврска за користење на зимска опрема во сите моторни возила. Правилникот за задолжителна опрема на возилата прецизно утврдува што секое возило мора да поседува во зимски услови.
Според пропишаното, за зимски пневматици се сметаат оние пневматици кои имаат на својата бочна страна ознаки со буквите Ем Ес, Ем плус Ес, Ем и Ес и знак на снегулка на стилизирана планина со три врвови.
Но, што кога условите на патот се навистина сложени - тука на помош секогаш доаѓаат синџирите за снег, но дали знаеме како правилно да ги поставиме?
Да покажеме чекор по чекор – како правилно се поставуваат синџири за снег.
Прво, застанете на безбедно место каде ќе бидете видиливи и нема да го попречувате сообраќајот - обезбедете го возилото, вклучете ги трепкачите и поставете сигурносен триаголник на безбедно и видливо растојание од возилото. Активирајте ја рачната сопирачка, доколку возилото не е на дел од коловозот каде ќе биде лесно воочливо од останатите возачи - поставете сигурносен триаголник.
Отпакувајте ги синџирите и расплеткајте ги внимателно. Проверете да нема заплеткани или оштетени делови, потоа доколку има потреба и услови за тоа подигнете го возилото со дигалка за полесен пристап до тркалата.
Поставете ги синџирите под погонските тркала – оние што ја придвижуваат колата. Од задната страна на тркалото поврзете го носечкиот обрач од синџирот. Тој е прв што треба да биде закопчан.
Потоа, другите синџири се повлекуваат преку пневматикот на предната страна од тркалото и се поврзуваат дијагонално едни со други, така што ќе го обвиткаат тркалото од страните и ќе се спојат попречно на предниот дел.
Затегнете го рамномерно така што синџирот треба да биде прицвстен за пневматикот на начин што нема да биде премногу затегнат или пак лабав. Доколку е потребно, повторно направете проверка на синџири по кратко возење.
Правилно поставените синџири овозможуваат поголема стабилност, контрола и безбедно сопирање со возилото во зимски услови.
Запомнете – зимската опрема не е само законска обврска, туку опрема за ваша заштита. Со зимски пневматици и правилно поставени синџири, ја штитите својата безбедност и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Возете безбедно, стигнете сигурно!