Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со генералниот директор на Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа – СЕЛЕК, Огуз Серкан Акин и директорот за правни и внатрешни работи на СЕЛЕК, Јован Пешевски.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и СЕЛЕК, како и за зајакнување на координацијата во борбата против прекуграничниот организиран криминал во регионот. Посебен акцент беше ставен на оперативната соработка, размената на информации и организирањето заеднички истраги меѓу полициските служби на земјите членки.
Министерот Тошковски нагласи дека Министерството за внатрешни работи останува активно посветено на регионалната соработка и на користење на сите достапни механизми за поефикасна борба против криминалните мрежи.
„Соработката преку СЕЛЕК претставува важен инструмент за координирана и навремена реакција на институциите во справувањето со транснационалниот организиран криминал. Заедничките истраги, размената на информации и директната комуникација меѓу службите се клучни за ефикасно спречување и сузбивање на криминалните активности во регионот“, истакна министерот Тошковски.
На средбата беше истакнато дека Македонија активно учествува во работата на СЕЛЕК, како преку Советот на организацијата, така и преку оперативната соработка меѓу полициските служби на земјите членки. Во изминатиот период преку СЕЛЕК се реализирани повеќе заеднички истраги и оперативни состаноци со партнерските служби од регионот, особено во областа на борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти, финансискиот и компјутерскиот криминал.
Соговорниците ја потврдија заедничката подготвеност за натамошно продлабочување на соработката и унапредување на регионалните механизми за координирана борба против криминалот.