Министерот Тошковски на состанок на неформалната платформа за дијалог за намалување на ризици од катастрофи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (28.05.2025) присуствуваше на четвртиот состанок на „Неформална платформа за дијалог за намалување на ризици од катастрофи кој се одржа во Канцеларијата на Мисијата на Програма за развој на Обединетите нации ( УНДП) во Скопје.
Министерот Тошковски ја изрази својата благодарност за организирањето на состанокот на оваа платформа при што го потенцираше фактот дека овој настан е значаен индикатор за искрената заложба и поддршка од страна на меѓународните партнери пред се за нашата држава а потоа и на регионално и глобално ниво во напорите за изградба на посилни, поотпорни и одржливи системи кои ќе одговорат ефикасно на предизвиците што доаѓаат од природните и климатски катастрофи.
Дополнително министерот го потенцираше фактот меѓународната соработка е еден од основните и суштински предуслови во изградбата на ефикасни и одржливи системи за заштита и справување со катастрофи, при што истакна дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи имаат цврста и сериозна волја во делот на зајакнување и подобрување на системот за управување со ризици и катастрофи.
Ова не е процес кој подразбира не само институционално јакнење и законодавни реформи, туку потребно е сериозно зацврстување во делот на капацитетите поврзани со знаење, иновации, тренинзи и опрема, како и зајакнување на координацијата со сите општествени чинители во системот, потенцираше министерот Тошковски.
Во своето обраќање исто така ја потенцираше и важноста на учеството на нашата држава во Европскиот механизам за цивилна заштита – UCPM, каде што Република Северна Македонија активно партиципира. Тоа е доказ за нашата посветеност, но и за отвореноста на Унијата и партнерите да градиме заеднички европски простор на солидарност и отпорност.
На крајот од своето обраќање министерот Тошковски уште еднаш искрено се заблагодари за целокупната соработка која се реализира со УНДП и до целата донаторска заедница при што даде уверување дека од страна на Министерството за внатрешни работи и нашата држава постои искрена желба за зајакнување на нашите врска и продлабочување на партнерството со Вас во насока на создавање на стабилен и оперативен систем за намалување на ризици од катастрофи.