Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единицата за корупција при МВР до надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против Д.Ц.(49) од Скопје, вработен во Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Северна Македонија.
Тој се сомничи дека сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Единицата за корупција, во координација со надлежен јавен обвинител, постапила по претходно поднесена пријава од граѓанин, кој пријавил дека му биле побарани пари за посредување при вработување во Град Скопје.
Според пријавата, Д.Ц. побарал парична награда во вкупен износ од 1.500 евра, од кои 500 евра како прва рата. Притоа, тој посочил дека познава лица кои можат да влијаат врз постапката за вработување.
Веднаш по пријавата биле преземени мерки и активности за документирање на кривичното дело. На 04.09.2026 година, околу 17:50 часот, на подрачјето на Скопје, пријавителот му предал на Д.Ц. пет банкноти од по 100 евра, кои претходно биле криминалистичко-технички обработени.
При извршената контрола во службеното возило на пријавениот биле пронајдени паричните средства, а одземен бил и мобилен телефон. Д.Ц. бил лишен од слобода.