Одделението за внатрешни работи Кочани на 27.11.2026 до Основно јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против Б.Б.(61) од Кочани во својство на одговорно лице Раководител на подружница во Акционерско друштво „Водостопанство“ на Република Северна Македонија, подружница „Брегалница“-Кочани од 25.11.2022 до 16.10.2024 поради постоење на основано сомневање за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” предвидено во член 353 став 2 в.в. став 1, а в.в. член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот Б.Б. во својство на службено лице – Раководител на подружница „Брегалница“ – Кочани при Акционерското друштво „Водостопанство“ на Република Северна Македонија – Скопје во периодот од 25.11.2022 до 16.10.2024 ја искористил својата службена положба и овластување на начин што од месец март 2023 година заклучно со 31.01.2024, до АД „Водостопанство“ на РСМ – Скопје редовно доставувал списоци на вработени за исплата на нето-плата за тековниот месец, во кои списоци биле евидентирани пет лица кои имале склучено договори за вработување на работни места во подружницата во Кочани, иако истите никогаш не се појавиле на работа, ниту пак извршувале работни задачи согласно склучените договори. Со ваквите дејствија, пријавениот на петте фиктивни работници им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 693.101,00 денари, со што на Буџетот на АД „Водостопанство“ на РСМ му нанел материјална штета во вкупен износ од 1.023.683,00 денари.
Имено, пријавениот иако знаел дека лицата Е.А.,У. Д.,Ф.П.,Г.А.-В. и А.Х. ангажирани во АД „Водостопанство“ Скопје - подружница „Брегалница“ Кочани, не доаѓаат на работа, пријавениот редовно ги внесувал во месечните списоци за исплата на плата што ги доставувал до Дирекцијата во Скопје. На тој начин, во периодот од месец март 2023 до месец јануари 2024 година ги евидентирал лицата Е.А. од Скопје, У. Д. од Берово и Ф.П. од Скопје за период од месец март 2023 година до месец јануари 2024 година и лицата Г.А.-В. од Прилеп и А.Х. од Скопје за месец Јануари 2024 година, со што на наведените лица им овозможил да се стекнат со против правна имотна корист во вкупен паричен износ од 693.101,00 денари, и тоа поединечно на: Е.А. во паричен износ од 221.221.00 денари, У.Д. во паричен износ од 226.914,00 денари, Ф.П. во паричен износ од 199.029,00 денари, Г.А.-В. во паричен износ од 23.745,00 денари и А.Х. во паричен износ од 22.192,00 денари.