Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Комуникацијата клучен фактор за довербата во полицијата – презентирани резултати на глобалната конференција на Интерпол

Комуникацијата клучен фактор за довербата во полицијата – презентирани резултати на глобалната конференција на Интерпол

Помошник министер за односи со јавност во министерството за внатрешни работи, Мухамед Исмаиљи, учествуваше на Првата глобална конференција за полициска комуникација на Интерпол, која се одржа од 28 до 30 април во Лион, Франција.

На конференцијата, која обедини претставници на полициски служби и експерти за комуникации од повеќе земји, Исмаиљи имаше свое обраќање на тема „Надворешна комуникација во полициската работа, односите со јавност, медиумите и меѓународните партнери“.

Во своето излагање, тој се осврна на значењето на транспарентната и навремена комуникација како клучен предуслов за успешно функционирање на современите полициски институции, нагласувајќи дека комуникацијата со јавноста е суштински дел од безбедносниот систем.

Исмаиљи ги презентираше и конкретните резултати од комуникациските активности на Министерството за внатрешни работи, потенцирајќи го развојот на повеќеканалниот пристап во информирањето на јавноста, вклучително и преку прес-конференции, социјални медиуми, официјалната веб-страница и дневните билтени.

„Континуираната и професионална комуникација директно влијае врз довербата во институциите. Денес таа доверба е мерлива – над 65% доверба во полицијата и индекс на активна транспарентност од 95,7%, што го позиционира Министерството меѓу водечките институции во државата“, истакна Исмаиљи.

Тој посочи дека само во текот на 2025 година Министерството обработило над 4.000 информации, одговорило на повеќе од 3.500 барања од медиуми и граѓани, објавило 365 дневни билтени и реализирало околу 200 видеа на YouTube каналот, додека бројот на следбеници на социјалните мрежи бележи континуиран раст.

Во обраќањето беше нагласена и важноста на комуникацијата во кризни ситуации, како и потребата од координиран пристап во информирањето кога станува збор за транснационални безбедносни предизвици.

Конференцијата опфати актуелни теми поврзани со современите полициски комуникации, вклучително примената на вештачката интелигенција и дигитализацијата, соработката со меѓународните медиуми, најдобрите практики за ангажман со заедницата и регрутација, дигиталната комуникација на полицијата, како и комуницирањето за транснационалниот организиран криминал.

Учеството на конференцијата претставува уште една потврда за активната вклученост на Министерството за внатрешни работи во меѓународната соработка и размена на добри практики во областа на полициските комуникации.

Мени за пристапност