Денеска, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во рамки на својата работна посета на ОВР Кичево, оствари средба со раководствата на Секторот за внатрешни работи Охрид и Регионалниот граничен центар Запад.
На средбата беа разгледани последните случувања поврзани со инволвираност на полициски службеници од Кичево во случајот со грабежот во златара во Гостивар, како и општата безбедносна состојба, со особен фокус на општините каде што ќе се одржи вториот круг од локалните избори.
Директорот Јанев изрази благодарност до сите полициски службеници кои секојдневно ја извршуваат својата должност со интегритет, посветеност и висок професионализам, охрабрувајќи ги и понатаму да постапуваат чесно, одговорно и непристрасно, како клучен фактор во одржувањето на јавната безбедност и довербата на граѓаните во институциите.
При тоа, тој јасно и недвосмислено истакна дека нема и нема да има никаква толеранција кон незаконско или недозволено постапување. Секој кој ќе се обиде да го наруши законот, интегритетот на службата или демократските правила, без разлика на функцијата или позицијата, ќе се соочи со брза, стручна и решителна полициска реакција.
Во пресрет на вториот изборен круг, беше нагласено дека полициските службеници ќе бидат соодветно распоредени на сите избирачки места и на потенцијално ризичните локации. Во овој регион, како и долж граничниот појас, дополнително се засилуваат безбедносните мерки со современи технички средства, вклучително и воздушен мониторинг со дронови.
„Нашата мисија е јасна – да обезбедиме мирен, безбеден и демократски изборен процес, да ги заштитиме граѓаните, нивното право на слободно гласање и основните демократски вредности“, истакна директорот Јанев, додавајќи дека полицијата ќе ги преземе сите неопходни мерки за граѓаните да можат да гласаат без страв, без притисок и без закани.
На крајот, тој потенцираше дека полицијата останува партнер на граѓаните и еден од главните заштитници на безбедносните, правните и демократските вредности на државата.