Денеска (23.11.2026), директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изврши увид во реализацијата на седумдневната интензивна тактичка обука на втората група од 87 полициски службеници од осумте Сектори за внатрешни работи, наменета за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем.
По 18 години застој, повторно воспоставуваме континуиран систем на тактичка обука за полициските службеници од редовниот состав.
Обуката се реализира под раководство на инструкторите од Одделот за специјални полициски операции и претставува значаен чекор кон унапредување на оперативната подготвеност, професионалноста и ефикасноста на полицијата.
Особено ја истакнувам професионалноста, дисциплината, посветеноста и мотивираноста на полициските службеници, кои покажуваат дека со соодветна обука и континуирано вложување можеме значително да ја унапредиме оперативната подготвеност.
Ова е само почеток. Продолжуваме со обука на сите полициски службеници од редовниот состав, надополнета со нови тактички содржини, современа опрема и технологии.
Нашата цел е јасна: професионална, ефикасна и подготвена полиција, способна да одговори на сите безбедносни предизвици и да биде сигурен партнер на граѓаните.
Безбедноста се гради со знаење, дисциплина, професионалност и интегритет.
Инвестираме во луѓето. Ги јакнеме капацитетите. Ја унапредуваме безбедноста.