Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Исени: Со поддршка од ЕУ и соработка со Италија ги унапредуваме капацитетите на полициските воздухопловни единици

Исени: Со поддршка од ЕУ и соработка со Италија ги унапредуваме капацитетите на полициските воздухопловни единици

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска (13.11.2026) во Скопје се обрати на завршната конференција на Твининг лајт проектот „Јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи за спроведување на воздушни операции“, реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија, во соработка со Италијанската национална агенција за цивилно воздухопловство (ENAC) и EUTALIA.

Проектот, со вкупна вредност од 250.000 евра, беше насочен кон унапредување на професионалните и оперативните капацитети на Одделот за воздухопловни единици при МВР, усогласување на процедурите со европските и меѓународните воздухопловни стандарди и зајакнување на безбедноста и ефикасноста при извршувањето на полициските воздухопловни операции.

Во рамки на проектот, преку експертска поддршка и размена на искуства со италијанските партнери, беа подготвени и унапредени седум технички прирачници и соодветни стандардни оперативни процедури, како и оперативниот прирачник на Одделот за воздухопловни единици. Дополнително, беа воспоставени систем за управување со безбедноста (SMS) и систем за следење на усогласеноста (CMS), а беше подготвена и стратегија за оспособување сопствени инструктори за летање и типска обука.

Во своето обраќање, заменик министерот Исени нагласи дека значењето на проектот е во создавањето долгорочни институционални капацитети и воспоставувањето стандарди кои ќе овозможат континуиран професионален развој на воздухопловните единици.

„Вистинската вредност на овој проект не се состои само во изработените документи, туку пред сè во знаењето, воспоставените стандарди и капацитетите кои остануваат во институцијата“, истакна Исени.

Тој посочи дека завршувањето на проектот претставува почеток на нова фаза во која приоритет ќе биде доследната примена на воспоставените процедури, континуираното унапредување на оперативната безбедност и зајакнувањето на механизмите за внатрешна контрола и ревизија.

„Нашата цел е постигнатите резултати да станат трајна институционална практика, а капацитетите на Одделот за воздухопловни единици континуирано да се развиваат и надградуваат“, нагласи заменик-министерот.

Исени изрази благодарност до Европската Унија за финансиската поддршка, до Република Италија, ENAC и EUTALIA за експертската соработка, како и до сите вклучени во реализацијата на проектот, истакнувајќи дека ваквите партнерства се значаен придонес во модернизацијата на македонската полиција.

Министерството за внатрешни работи останува посветено на продолжување на соработката со европските институции и меѓународните партнери, со цел понатамошно јакнење на професионалните капацитети, примена на европските стандарди и обезбедување повисоко ниво на безбедност за граѓаните.

 

Мени за пристапност