Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Исени на отворањето на основната практична обука на UNODC PCCP: Зајакнувањето на аеродромските контролни единици е клучно во борбата против организираниот криминал

Исени на отворањето на основната практична обука на UNODC PCCP: Зајакнувањето на аеродромските контролни единици е клучно во борбата против организираниот криминал


Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на отворањето на Основната практична обука за Единиците за контрола на аеродроми (Airport Control Units – ACU), која се реализира во рамки на Заедничката акција на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) преку Програмата за контрола на контејнери и патници (Container Control Programme – CCP/PCCP).

Во своето обраќање, Исени изрази благодарност до Европската Унија и UNODC за континуираната поддршка и партнерство во зајакнувањето на институционалните капацитети на национално и регионално ниво, нагласувајќи дека ваквите обуки имаат суштинско значење за градење поефикасни и поотпорни системи за справување со современите безбедносни закани.

„Оваа обука претставува успешен пример како преку заедничка работа, поддршка и размена на знаења ги зајакнуваме капацитетите на службениците кои се на првата линија во борбата против сите форми на криминал. Стекнатите вештини и практични знаења ќе придонесат за поголема оперативна ефикасност, подобра координација и поуспешно откривање и спречување на криминални активности“, истакна Исени.

Тој нагласи дека практичната обука има особена вредност бидејќи овозможува стекнување конкретни оперативни искуства и дополнително ја унапредува соработката меѓу полициските и царинските служби, додека присуството на учесници од повеќе земји од регионот претставува значајна можност за размена на добри практики и зацврстување на регионалното партнерство.

Осврнувајќи се на актуелните безбедносни предизвици, заменик министерот посочи дека транснационалниот организиран криминал, трговијата со дрога, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и нелегалниот транспорт на оружје бараат координиран, професионален и одлучен одговор од сите надлежни институции.

„Аеродромите претставуваат клучни транспортни и логистички јазли, но истовремено и потенцијално ранливи точки кои можат да бидат злоупотребени од организираните криминални групи. Затоа, развојот на современи механизми за анализа на ризик, јакнењето на безбедносните капацитети и унапредувањето на меѓуинституционалната и меѓународната соработка се од суштинско значење за навремено откривање и спречување на безбедносните закани“, потенцираше Исени.

На крајот од своето обраќање, тој ја реафирмираше посветеноста на Министерството за внатрешни работи кон унапредување на безбедноста, владеењето на правото и развојот на професионални и модерни гранични служби кои работат согласно највисоките европски и меѓународни стандарди, нагласувајќи дека МВР ќе продолжи активно да придонесува во реализацијата на заедничките проекти насочени кон борба против организираниот криминал и зајакнување на регионалната безбедност.

Мени за пристапност