Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска присуствуваше и се обрати на официјалното започнување на регионалната кампања за Западен Балкан „Момент за живот“, организирана од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, меѓународна организација која работи на интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан со Европската Унија.
На настанот присуствуваа претставници на Министерството за транспорт, Транспортната заедница, Делегацијата на Европската Унија, Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и експерти од областа на сообраќајната безбедност.
Во своето обраќање, заменик министерот Исени ја нагласи важноста на личната одговорност и сообраќајната култура, истакнувајќи дека секоја одлука во сообраќајот може да биде пресудна за зачувување на човечки живот.
„Безбедноста на патиштата не е само прашање на законски обврски и сообраќајни правила. Таа е прашање на култура, свест и лична одговорност. Секојпат кога ставаме безбедносен појас, кога правилно обезбедуваме дете во детско седиште или кога носиме заштитна кацига, правиме избор во корист на животот“, истакна Исени.
Тој посочи дека Македонија во изминатиот период презеде значајни чекори за унапредување на сообраќајната безбедност, меѓу кои и усвојувањето на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата, која претставува основа за системско намалување на сообраќајните жртви и тешките повреди, во согласност со европските цели и принципите на „Визија нула“.
Во таа насока, Исени се осврна и на системот „Безбеден град“, како еден од најзначајните проекти на Министерството за внатрешни работи во областа на сообраќајната безбедност, со кој преку современи технологии за автоматско откривање на сообраќајните прекршоци се зајакнува контролата, се унапредува почитувањето на прописите и се придонесува кон намалување на ризиците во сообраќајот.
Притоа, тој нагласи дека технологијата и законските решенија се важни, но дека суштинската промена започнува од однесувањето на секој учесник во сообраќајот.
„Ниту една камера, ниту една технологија, ниту еден закон не може сам да ја создаде безбедноста што ја посакуваме. Безбедноста започнува со секој од нас“, порача заменик-министерот.
Исени изрази благодарност до сите партнери вклучени во реализацијата на кампањата.
На крајот, тој упати порака дека одговорното однесување, користењето на безбедносниот појас, детските седишта и заштитните кациги се едноставни, но исклучително важни одлуки кои спасуваат животи, нагласувајќи дека за побезбедни патишта е неопходна заедничка посветеност на институциите и граѓаните.