Денеска (15.05.2025) во Букурешт, Романија се одржа состанок на Советот на СЕЛЕК (Центар за спроведување на законот на Југоисточна Европа) каде во улога на постојан член на Советот, учествуваше државниот секретар на Министерството за внатрешни работи Сашо Петрушевски, кој воедно и ја предводеше македонската делегација. На состанокот присуствуваа делегати на земјите членки на СЕЛЕК, претставници на оперативните партнери и набљудувачи на СЕЛЕК.
За време на состанокот се дискутираше и одлучуваше за значајни прашања поврзани со работењето на СЕЛЕК. Претставниците на земјите членки на СЕЛЕК го разгледаа и одобрија Годишниот и Ревизискиот извештај за работата на СЕЛЕК за 2024 година. Во продолжение од страна на менаџментот на центарот се направи сеопфатна презентација на Годишниот акциски и работен план на СЕЛЕК за 2026 година, по што присутните со акламација ги одобрија стратешките документи за наредната година. На дневен ред на состанокот беа заклучоците на групата за финансиски консултации, предлогот на Буџетот на СЕЛЕК за 2026 година и предлогот на петгодишниот финансиски план на СЕЛЕК 2025-2029. По кратка дискусија по точките се пристапи кон нивно одобрување.
Од страна на претседавачот на Советот, во текот на попладневните часови се претставија правилата и процедурите за избор на менаџерските позиции на СЕЛЕК. Потоа, следеше презентирање на пријавените кандидати и избор на нови директори на СЕЛЕК. Советот со тајно гласање го избра македонскиот кандидат Јован Пешевски за директор за правни и внатрешни работи на СЕЛЕК.
Државниот секретар Петрушевски ја искористи приликата да се заблагодари на делегатите на Советот за безрезервната поддршка на македонскиот кандидат, при што изјави дека и во наредниот период претставници од нашето Министерство за внатрешни работи ќе имаат значајна улога во работењето и успесите на СЕЛЕК, потврдувајќи ги при тоа заложбите за продолжување, унапредување и зајакнување на успешната регионална соработка во борбата против организираниот криминал.
На маргините на состанокот, државниот секретар учествуваше на билатерален состанок со генералниот директор на СЕЛЕК Огуз Серкант Акин, при што уште еднаш потврди дека СЕЛЕК може да смета дека има кредибилен партнер во македонското Министерство за внатрешни работи во борбата против организираниот криминал.