Државниот секретар во МВР и национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција Петрушевски на меѓуминистерската конференција на тема „Миграција на работна сила во рамките на Централноевропската иницијатива – CEI: Безбедни патеки и одржлив пазар на трудот“
Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи и национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, Сашо Петрушевски, учествуваше на Меѓуминистерска конференција „Миграција на работна сила во рамките на Централноевропската иницијатива – CEI: Безбедни патеки и одржлив пазар на трудот“, што се одржа на 6 и 7 ноември во Белград, Република Србија.
Националниот координатор беше говорник на панелот на националните координатори за борба против трговија со луѓе на тема „Трговија со луѓе и трудова експлоатација во контекст на трудова миграција“, каде учествуваа и националните координатори на Србија и Словенија, како и претставници на институциите за заштита на жртвите.
Во своето обраќање, координаторот Петрушевски истакна дека трудовата експлоатација претставува форма на трговија со луѓе која најчесто останува скриена зад легални или полулегални облици на вработување, и ја нагласи потребата од силен институционален и координиран одговор на државите во регионот.
Петрушевски даде осврт на напредокот што нашата држава го постигна во последните години, вклучувајќи го и ревидирањето на Стандардните оперативни процедури за идентификација на жртви на трговија со луѓе, потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат за труд како и засилената координација преку Националниот механизам за упатување и мобилните тимови кои дејствуваат на терен.
Во рамките на панел-дискусијата, националниот координатор Петрушевски потенцираше дека растечките трендови на економска и сезонска миграција, иселувањето на македонските државјани во потрага по подобра егзистенција од една страна и порастот на странски работници од азиски и латиноамерикански земји од друга страна, создаваат нови трендови и предизвици за институциите и бараат адаптирани мерки и регионална координација.
Конференцијата беше организирана во рамките на Централноевропската иницијатива (CEI), со поддршка на меѓународни партнери, и имаше за цел унапредување на институционалните капацитети и воспоставување на регионална соработка во областа на трудовата миграција и борбата против трудовата експлоатација.