Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Државниот секретар Сашо Петрушевски учествуваше на состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Државниот секретар Сашо Петрушевски учествуваше на состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес

На 16 септември, во Подгорица, Црна Гора, на состанокот на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, ја предводеше македонската делегација и учествуваше на двете сесии. 

На настанот беа присутни министри и високи претставници од шесте држави од Западен Балкан, високи претставници од Европската комисија и од државите партнери на Берлинскиот процес.

Првата сесија на состанокот беше посветена на зајакнување на отпорноста против организираниот криминал. Во своето обраќање, државниот секретар Петрушевски истакна:
„Нашата заедничка цел мора да биде јасна: преминување од реактивен кон проактивен пристап. Не е доволно да реагираме откако кривичното дело ќе биде извршено. Мора навремено да ги препознаваме ризиците и обрасците, да ги поврзуваме податоците и да ги идентификуваме лицата и структурите што стојат зад криминалните активности. Истовремено, мора да ја зајакнуваме отпорноста на самите институции. Професионалниот интегритет, отчетноста, ефикасната внатрешна контрола и нултата толеранција кон корупцијата се неопходни предуслови за кредибилна борба против организираниот криминал.

Токму во тоа ја препознаваме вредноста на Берлинскиот процес: заедничката политичка определба да ја претвориме во конкретна оперативна соработка и мерливи резултати. Република Македонија останува сигурен и активен партнер во регионалните и европските безбедносни иницијативи. Само преку координиран национален, регионален и европски пристап можеме поефикасно да ги спречуваме и откриваме активностите на организираните криминални мрежи и да обезбедиме ефикасно кривично гонење на сторителите.“

Втората сесија на состанокот беше посветена на зајакнување на капацитетите и партнерствата во управувањето со границите и борбата против илегалната миграција. Овој дел од состанокот државниот секретар Петрушевски го отвори со презентирање на заклучоците од Форумот на шефови на граничните полиции, одржан во Скопје на 27 август. Тој накратко ги презентираше овие важни заклучоци, кои беа одраз на заедничкото разбирање на приоритетите за безбедно, хумано и координирано управување со границите низ Западен Балкан и Европската Унија, со целосно почитување на човековите права.

Потоа следеше обраќањето на државниот секретар, кој истакна:
„Заклучоците усвоени во Скопје на Форумот на шефовите на граничните полиции претставуваат добра основа за следната фаза. Нашата задача сега е тие да ги преточиме во конкретни активности – подобра размена на информации, посилни контакт-мрежи, повеќе заеднички операции и обуки, подобра интероперабилност и уште поголема меѓусебна доверба.

Само преку заеднички, координиран и одговорен пристап можеме да обезбедиме граници кои се безбедни и добро управувани, но истовремено и усогласени со европските вредности и со целосно почитување на човековото достоинство.“

Берлинскиот процес беше воспоставен за поддршка на земјите во регионот во постигнувањето на стандардите на Европската Унија и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните, преку зајакнување на регионалната соработка и унапредување на европската интеграција.

Мени за пристапност