Денеска (26.11.2025), Државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски учествуваше на Осмата пленарна конференција на Националната конвенција на Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК). Темата на конференцијата е „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската унија" која беше отворена од страна на претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. Со свое обраќање на конференцијата учествуваа словачката амбасадорка Н.Е. Ивета Хрицова и холандската амбасадорка Н.Е. Узлем Џанел. Претставници од Министерството за внатрешни работи, претставници од институциите од областа на правосудството, академици, претставници од граѓанските организации, како и претставници од институциите од Република Хрватска, Република Албанија и Република Србија учествуваат на овој исклучително важен настан. На Втората панел дискусија „Владеење на правото од другата страна на реториката“ државниот секретар Петрушевски посочи дека заложбите на Европската комисија за унапредување на капацитетите на земјите од Западен Балкан се пресликани во Планот за раст, а Реформската агенда ги отсликува заложбите на нашата држава за успешно спроведување на реформите неопходни за завршување на процесот на европска интеграција. Дел од чекорите од Реформската агенда се реализираат согласно утврдената динамика, дел доцнат, но не се ставени на страна, туку активно се работи на нивна реализација и постигнување на квалитетни реформи, а со тоа и натамошно развивање на институционалните капацитети и подобрување на меѓуинституционалната соработка. Во своето обраќање на панелот, Петрушевски нотира дека, „проблеми секогаш постоеле и ќе постојат. Сега многу повеќе, кога се соочуваме не само со материјално-технички недостатоци, туку и со човечкиот капитал. Овде треба да бидеме сите свесни дека процесите не треба да ги водат поединци, туку институции. Мораме да се одважиме и да најдеме модус да ја задржиме и мотивираме генерацијата која го има знаењето, експертизата и институционалната меморија. Без човечкиот капитал, сите наши заложби можат да бидат залудни“, истакна државниот секретар Петрушевски. Во продолжение на дискусијата на панелот, државниот секретар Петрушевски ги издвои најзначајните предизвици со кои Министерството за внатрешни работи се соочува во имплементацијата на Реформската агенда, како и направи осврт на регионалниот пристап и заедничките напори на земјите од Запален Балкан во исполнувањето на европските стандарди во областа на владеењето на правото и безбедноста.