Денеска (16.10.2026), директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, оствари средба со директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, на која беа разгледани актуелните состојби во казнено-поправните установи, со посебен акцент на КПУ „Идризово“ и КПУ „Скопје“.
Во фокусот на разговорите беа зајакнувањето на оперативно-разузнавачките капацитети во затворите, навременото откривање и предвидување на безбедносните ризици, како и спречувањето криминални активности поврзани со затворскиот систем. Беше разговарано и за воведувањето електронски надзор со електронски алки при извршувањето на куќниот притвор и куќниот затвор.
На средбата беше истакната важноста на континуираната размена на информации, меѓуинституционалната соработка и координираното постапување, со цел навремена превенција, поефикасно спречување на криминалот и унапредување на безбедноста на граѓаните.
Двете институции продолжуваат со партнерски пристап и координирани активности за зајакнување на безбедносните капацитети, во интерес на граѓаните и стабилноста на државата.