Денеска (16.10.2026) директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со дел од својот тим, во Велес одржа работна средба со раководителите на секторите за внатрешни работи и униформираната полиција, командирите на полициските станици и раководителите на полициските одделенија од СВР Струмица, Велес, Штип, Куманово и Скопје, како и од Регионалните центри за гранични работи Север и Исток.
На средбата се разговараше за актуелните предизвици во полициското работење, потребите на полициските службеници и планираните реформи за унапредување на ефикасноста и професионалноста на полицијата.
Директорот Јанев ја претстави визијата и методологијата за краткорочен, среднорочен и долгорочен развој на полицијата, со посебен акцент на дигитализацијата, воведувањето нови оперативни алатки, реорганизацијата, инвестициите и воспоставувањето нови интервентни тимови во регионалните сектори.
Во рамки на дискусијата беше нагласена важноста на човечкиот потенцијал, современата технологија, меѓусебната координација и непосредната комуникација, како клучни предуслови за успешно спроведување на реформските процеси.
Директорот Јанев истакна дека секој полициски службеник има значајна улога во функционирањето на безбедносниот систем и дека сите промени и инвестиции треба да придонесат за подобри услови за работа, поголема оперативна ефикасност и поквалитетни услуги за граѓаните.
Целта на овие активности е изградба на модерна, професионална, транспарентна и одговорна полиција, која ќе биде поблиску до граѓаните, ќе ја зајакнува нивната доверба и ќе обезбедува повисоко ниво на безбедност.