Денеска (02.11.2026), во Скопје, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на регионалниот ИПА-проект на Европската Унија „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан“ – EU4FAST.
На состанокот беа разгледани постигнатите резултати, тековните активности и идните приоритети на проектот, со акцент на унапредувањето на регионалната соработка и зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција. Директорот Јанев истакна дека вложувањето во знаење, професионална експертиза, современа опрема и технологија е клучно за модернизација на безбедносните институции и поефикасно справување со современите безбедносни предизвици.
Преку обуки, размена на искуства и донации на опрема, проектот придонесува за поефикасна гранична контрола, поквалитетни истраги за трговија со луѓе и криумчарење мигранти, како и поуспешно откривање на нелегалните финансиски текови. Јанев ја нагласи важноста од отворена и ефикасна меѓународна соработка, поинтензивна размена на информации и координирани истраги, истовремено истакнувајќи ја посветеноста на македонската полиција на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.
Директорот Јанев упати благодарност до Европската Унија и земјите членки за поддршката, нагласувајќи дека македонската полиција останува активен и рамноправен партнер во зајакнувањето на регионалната безбедност и европската безбедносна соработка.