Денеска (14.05.2025) директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев беше дел од маршот организиран од СВР Струмица, кој се одржа на релација од с. Банско до водопадите кај с. Габрово и назад со вкупна должина од 11 км. Настанот беше можност за меѓусебно дружење на колегите кои секојдневно, со посветеност и пожртвуваност, ја обезбедуваат јавната безбедност во Струмица и регионот.
„Овој марш не беше само физичка активност, туку и силен симбол на заедништвото, довербата и солидарноста. Неформалните разговори со колегите ми потврдија дека во полицијата имаме не само исклучителни професионалци, туку и луѓе со срце, совест и чувство за одговорност. Нивната енергија и искреност ме мотивираат и потврдуваат дека полицијата има вистински херои, подготвени да дадат повеќе од потребното“, истакна директорот на БЈБ Јанев, дополнувајќи дека неговата лична цел заедно со неговиот тим е да се создадат услови во кои секој припадник на полицијата ќе се чувствува почитуван, поддржан и мотивиран да продолжи да ја извршува својата работа со посветеност, етика и храброст.
Директорот Јанев изрази благодарност до сите 250 колеги од СВР Струмица за денешното дружење, за нивната посветеност и за примерот што го даваат, истакнувајќи дека заедно, со искреност и меѓусебна почит, ќе продолжиме да градиме полиција која ќе ужива доверба и која ќе биде посилна и поефикасна во обезбедувањето на безбедноста на нашите граѓани.