Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев: Модернизација, соработка и партнерство – клучни приоритети во унапредувањето на безбедносниот систем

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев: Модернизација, соработка и партнерство – клучни приоритети во унапредувањето на безбедносниот систем

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денес учествуваше на трибината „E-evidence со Relevance Blueprint“, организирана од Бирото за јавна безбедност, каде беше презентиран концептот BLUEPRINT – интелигентен систем кој овозможува систематска анализа и идентификација на релевантни докази, поврзувајќи ги полицијата, обвинителството и судството во единствен дигитален екосистем за поефикасна и потранспарентна правда.

Јанев истакна дека оваа алатка претставува значаен чекор напред во модернизацијата на истражните постапки, подигање на стандардите во водењето истраги и унапредување на соработката меѓу институциите. Системот овозможува собирање, рангирање и логичко структурирање на доказите во сите фази на постапката – од истрага до судење – со што се придонесува кон зголемена транспарентност, точност и ефикасност, особено во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Заедно со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, беше потврдена заедничката подготвеност на институциите за поддршка и имплементација на вакви современи решенија кои ќе го зајакнат владеењето на правото и довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Во рамки на своите денешни активности, директорот Јанев присуствуваше и на отворањето на обуката за прекугранична соработка за справување со илегалната миграција, која се одржува во Скопје со поддршка на експерти од француското Министерство за внатрешни работи – Служба за борба против илегална миграција, во присуство на амбасадорите на Франција и Обединетото Кралство.

Јанев ја истакна важноста на ваквите иницијативи како значаен чекор во насока на зајакнување на регионалната безбедност и институционалните капацитети за справување со илегалната миграција. Обуката овозможува размена на искуства, знаења и најдобри практики меѓу припадниците на македонската и косовската полиција, со цел унапредена координација, навремена размена на информации и поефикасно справување со заедничките предизвици.

„Со поддршка на вакви иницијативи ја потврдуваме нашата заложба за продлабочување на меѓусебната доверба и партнерство, во интерес на стабилноста и безбедноста на регионот“, порача директорот Јанев.

Мени за пристапност