Денеска (21.05.2026), директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, се обрати на настан посветен на борбата против фалсификатите, пиратеријата и нелегалната трговија, организиран од страна на REACT, во присуство на претставници од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат.
Во своето обраќање, директорот Јанев истакна дека фалсификуваните производи денес не претставуваат само економска штета, туку и сериозен безбедносен, финансиски и институционален предизвик, кој се почесто се шири преку дигиталните алатки, онлајн платформите и современите канали на нелегална трговија.
„Како институции, наша обврска е да се грижиме за безбедноста и заштитата на граѓаните. Особено кога станува збор за фалсификувани лекови, козметика, играчки за деца, авто-делови, електроника и други производи кои директно влијаат врз здравјето, сигурноста и довербата на потрошувачите. Граѓаните мора да бидат сигурни дека кога плаќаат за квалитет и оригиналност – добиваат безбеден и проверен производ“, потенцираше директорот Јанев.
Тој нагласи дека заедничкиот пристап, навремената размена на информации, знаење и искуства помеѓу институциите и меѓународните партнери се клучни за поефикасна превенција, откривање и сузбивање на оваа појава.
„Борбата против фалсификатите е борба за заштита на граѓаните, легалната економија, фер пазарот и довербата во системот“, истакна директорот на БЈБ.
На крајот од обраќањето беше изразена благодарност до REACT и до сите институции и партнери за досегашната успешна соработка, професионалност и заедничка посветеност во градење посилен и поефикасен систем во справувањето со овој вид криминал и појави.