СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.А.(42) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 19.01.2026 на наплатната рампа Петровец, полициски службеници извршиле контрола на такси возило, во кое како сопатник бил пријавениот, при што кај него е пронајден и одземен хероин.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.И.(41) од с.Оризаре, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 05.01.2026 во с.Оризаре, полициски службеници извршиле преглед во продажен објект на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.
ОВР Берово поднесе кривична пријава против У.А.(26) од с.Црник, пехчевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста‘‘. На 20.12.2025 во с.Црник, пријавениот се однесувал агресивно и се заканувал на полициски службеник додека извршувал службени дејствија.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Е.Д.(21) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „одземање на дете“. На 17.11.2025 во Штип, пријавениот, кој бил со уште две лица, физички ја нападнал неговата 23-годишна поранешна сопруга, а потоа со помош на едно од лицата ја одзел нивната малолетна ќерка.
ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Н.З.(19), М.И.(20), С.К.(19), сите од Радовиш и против И.Р.(18) и А.„Н“(20), двајцата од с.Конче, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“, додека против Н.З. е поднесена пријава и за „насилство врз дете“. На 31.12.2025 пред угостителски објект, пријавените физички го нападнале Д.К., додека Н.З., физички нападнал две деца.
ОВР Берово поднесе кривична пријава против М.Г.(20) од с.Црник, пехчевско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,загрозување на сигурноста‘‘, „спречување службено лице во вршење на службено дејствие” и „спречување на докажување”. На 20.12.2025 во с.Црник, пријавениот се однесувал агресивно и се заканувал на полициски службеници кои извршувале службени дејствија, по што се обидел да опожари дрвна маса за која претходно полициските службеници констатирале дека била нежигосана и без испратница, а со намера да го спречи или отежне докажувањето со уништување, оштетување на предметните дрва.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Р.М.(44) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.04.2025 на подрачјето на Центар, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и амфетамин.
ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против Б.Ш.(40) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“, против Д.Л.(33) од Скопје за „злоупотреба на лични податоци“ и „фалсификување исправа“ и против Б.З.(45) од Скопје за „фалсификување исправа“. Во септември 2025 година, првопријавениот без согласност на неговата мајка и уште едно лице ги искористил нивните лични податоци од лична карта и патна исправа и му ги предал на второпријавениот, кој без согласност, ги искористил нивните лични податоци во постапка за кандидирање на членови на Советот на општина Богданци пред општинска изборна комисија Богданци, а го фалсификувал и потписот на лицата. Така направените лажни јавни исправи, од третопријавениот Б.З. од Скопје на 13.09.2025 во Богданци биле предадени на членови на општинска изборна комисија Богданци, а со цел поднесување на листа за кандидати за членови на советот на општина Богданци.
ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против С.Б.(36) од Струмица, поранешна вработена во еден мобилен оператор, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“. Пријавената, во периодот од март до септември 2024 година, во својство на бизнис агент свесно и со умисла присвоила осум мобилни уреди кои што и биле доверени во службата, на тој начин што на менаџерот од Гевгелија му прикажувала факти дека ќе склучи бизнис договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран и ќе им ги додели мобилните уреди во вид на субвенциона форма за направените активации и обнови. Додека, на месечните пописи кои биле правени во продажниот салон во Гевгелија свесно било прикриено дека фали трговска стока, со што пријавената причинила имотна штета на оштетеното правно лице во износ од околу 600.000 денари.
На 27.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Д.(31) и Д.И.(26), двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 27.01.2026 во 18:50 часот на Граничниот премин Долно Блаце, полициски службеници ги приведоа П.Ј.(35) и Д.Л.(22) двајцата од Р.Косово, поради тоа што по претходно недоразбирање го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка со Д.Р.Ш.(28) од Скопје, а бил употребен и остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.01.2026 во 16:30 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Ј.К.(43) од Германија, поради тоа што при извршен преглед, во координација со ФРОНТЕКС, на патничко возило– комбе „рено“ со германски национални ознаки, управувано од Ј.К., во возилото биле пронајдени и одземени кафеава грутчеста материја и марихуана. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
На 27.01.2026 во 08:27 часот во СВР Штип, 82-годишна жена од Штип пријави дека на 26.01.2026 околу 21:00 часот едно лице со употреба на физичка сила и подесен алат насилно влегло во нејзиниот дом и физички ја нападнало, нанесувајќи и тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип, а притоа ѝ одзело мобилен телефон и личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.01.2026 во 21:30 часот во с.Црвулево-о.Карбинци од страна на полициски службеници од СВР Штип е приведен осуденикот П.И.(29), кој потоа е спроведен до Казнено поправната установа Затвор Куманово. Тој е приведен по претходна пријава дека избегал од затворот.
На 27.01.2026 во 21:45 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Х.Б.(36) од Скопје, по претходна пријава дека во семејниот дом физички го нападнал неговиот 42-годишен брат. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.