Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 26.08.2026

Извадок на дел од дневните настани 26.08.2026

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Љ.(28) и Л.Љ.(31), двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При претрес во нивниот дом и во деловна просторија каде работеле, извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана, дигитални ваги и други предмети.

 

На 25.08.2026 во 09:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Тетово-с.Пирок, тетовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген ап“ со тетовски регистарски ознаки управувано од А.Б.(23) од с.Пирок и трактор со тетовски регистарски ознаки управуван од Џ.А.(54) од с.Пирок. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот, додека со телесни повреди возачот на патничкото возило „фолксваген“ и неговиот сопатник К.Ф.(28) од с.Пирок, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Н.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.08.2026, полициските службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 25.08.2026 во 20:20 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода В.К.(42) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом упатувал закани и агресивно се однесувал кон членови на семејството. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 24.08.2026 во 21:30 часот во Полициското одделение Новаци било пријавено дека   при гаснење на пожар во атар на с.Арматуш и с.Мегленци, општина Новаци, биле пронајдени две гранати. Гранатите биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување на 25.08.2026 и било констатирано дека се работи за две артилериски гранати со калибар од 155 мм, односно 75 мм кои потекнуваат од Првата светска војна.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Ј.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.02.2026 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над лице од Прилеп, при што биле пронајдени и одземени марихуана и метамфетамин, кои ги набавил од пријавениот.

 

На 25.08.2026 во 19:30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го лишија од слобода М.Б.(61) од село во општина Маврово и Ростуше, постапувајќи по претходна пријава дека во семејната куќа ја затворил неговата 49-годишна сопруга, физички ја нападнал и ѝ се заканувал. Околу 19:30 часот полициски службенции ја ослободиле жената, а тој бил приведен и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против И.Ч.(58) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 13.08.2026, пријавениот во три наврати предизвикал пожар на место викано „Бараките“ во близина на новите градски гробишта и во населба Варош.

 

На 25.08.2026 во 20:30 часот во СВР Охрид е пријавено дека Ѓ.С. од Охрид во семејниот дом упатувал закани и бил агресивен кон членови на семејството. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.С.(37) од Скопје и против правно лице од Скопје, чиј сопственик е, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на дете“ по член 204 од Кривичниот законик. При контрола во угостителски објект на една плажа во Охрид, извршен на 29.07.2026, со која стопанисувале пријавените, полициските службеници затекнале малолетни лица на кои им било овозможено да консумираат алкохолни пијалоци.

 

На 25.08.2026 во 06:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека во водите на реката Вардар на подрачјето на Гази Баба има човечко тело. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје телото е извлечено од реката, а по извршено препознавање од семејството било утврдено дека се работи за Т.Г.(83) од Скопје за кого на 24.08.2026 неговиот син Г.Г.(46) пријави дека се оддалечил од домот. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено во Институтот за судска медицина за обдукција.

 

На 25.08.2026 во 23:10 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Б.Ц.(61) од Кавадарци затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Љ.(28) и Л.Љ.(31) двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.08.2026 во Кичево, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавените, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 25.08.2026 во 22:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода О.С.(43) од Куманово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 25.08.2026 во 23:00 часот во валандовско село, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Валандово лишија од слобода 41-годишен жител на селото, кој според пријавеното агресивно се однесувал кон неговата поранешна сопруга и членови на нејзиното семејство. Известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 25.08.2026 во 19:50 часот во Велес, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес го лишија од слобода А.Д.(23) од Велес затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 26.08.2026 во 01:00 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Б.О.(21) од Чашка. Според пријавеното на очевидци, тој без нејзина согласност ја внел неговата поранешна 17-годишна девојка во патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки, но по кратко време полициски службеници го запреле возилото, по што Б.О. бил приведен во полициска станица. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против З.С.(48) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години“. Пријавениот, во повеќе наврати во август 2026 година извршил обљуба врз неговата поќерка.

 

На 25.08.2026 во 21:30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го приведоа Е.Ф.(36) од с.Беловиште, гостиварско. При вршење службени активности на регионалниот пат од с.Лакавица кон с.Беловиште, полициски службеници го забележале Е.Ф. во паркирано патничко возило „фолксваген голф“ со австриски регистерски ознаки, при користење марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

Денеска (26.08.2026) во 00:30 часот во СВР Скопје, Д.К.(26) од Скопје пријавил дека  околу 00:15 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападат од неговиот 59-годишен сосед К.Г.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.    

 

На 25.08.2026 во СВР Скопје, З.В.(45) од Скопје пријавил дека околу 12:30 часот на подрачјето на Центар, поради претходно недоразбирање за паркинг простор, бил физички нападнат од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.08.2026 во 20:20 часот во СВР Скопје, С.С.(49) од Скопје, пријавил дека, додека извршувал работни задачи како возач на автобус на ЈСП Скопје, на автобуска станица на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Според пријавеното, претходно лицето се обидело да влезе небезбедно во автобусот, односно додека бил во движење на булевар, но тој не застанал со автобусот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На 25.08.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје, Ј.П.(44) од Скопје пријавила дека околу 17:10 часот во автобус на ЈСП Скопје на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.    

 

На 25.08.2026 во 19:25 часот во СВР Скопје, А.М.(36) од Скопје пријавил дека околу 18:00 часот пред продажно место во Старата скопска чаршија, по претходна расправија, бил физички нападнат од едно машко лице, кое употребило метален предмет.  Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На  25.08.2026 во 17:40 часот во СВР Скопје, А.С.(23) од Скопје пријавил дека околу 17:15 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од З.С.(58) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.    

Мени за пристапност