Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 22.07.2025

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Б.А.(26) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 03.07.2025 во угостителски објект во Дебар, пријавениот агресивно се однесувал и упатувал закани кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Е.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 02.06.2025 во Тетово, пријавениот физички нападнал едно лице. 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.С.(24) од Сојузна Република Германија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во с.Теарце, општина Теарце, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле хашиш.     

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.С.(58) и Р.Б.(53), двајцата од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 03.05.2025, пријавените вршеле градежни активности на парцела во нивна сопственост, без претходно добиено одобрение за градба од надлежен орган. 

 

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против С.К.(37) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Во текот на 2024 година во Управата за јавни приходи, пријавениот не пријавил прилив на парични средства во износ од 32.885 евра, со што избегнал да плати персонален данок на доход во износ од 202.176 денари.  

 

На 21/22.07.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.Ѓ.(30), Б.З.(28), Б.Л.(48), С.С.(44), сите од Скопје и Л.В. од Косово затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, кафеава грутчеста материја, прашкаста материја, дигитална вага и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци. 

 

На 21.07.2025 во 15.25 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода С.Б.(51) од Република Турција затоа што при извршена гранична контрола било констатирано дека приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за товарното возило „мерцедес“ со полуприколка, кое го управувал. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

На 21.07.2025 во 15.10 часот во СВР Штип, Е.З.(47) од Штип пријавила дека додека го чистела станот на нејзиниот починат татко пронашла рачна бомба.  Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно ја подигнал бомбата и за настанот бил запознаен јавен обвинител.

 

На 21.07.2025 во 18.50 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Нада Циривири” во Прилеп, патничко возило „опел’ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 19-годишната Е.И. од Прилеп, удрило во пешакот М.Ѓ.(81) од Прилеп. Во несреќата, пешакот М.Ѓ. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градска болница  Прилеп. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од ОВР Прилеп. 

 

На 21.07.2025 околу 17.25 часот во СВР Велес е пријавено дека на крстосница од ул.„Методија Андонов Ченто“ со ул.„Борис Трајковски“ во Велес се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од В.А.(60) од Велес и мопед „томос“ со велешки регистарски ознаки, управуван од К.А.(80) од Велес. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Велес. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Велес.

 

На 21.07.2025 во 23.10 часот во СВР Охрид е пријавено дека на ул.„Партизанска“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Б.И.(32) од с.Куратица, охридско и мопед „дерби“ со охридски регистарски ознаки, управуван од И.С.(22) од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ Охрид. По наредба на jавен обвинител извршен е увид од увидна екипа на СВР Охрид.

 

На 21.07.2025 околу 17.10 часот во СВР Тетово е пријавено дека на локалниот пат Тетово-с.Требош, патничко возило „фолксваген поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(22) од с.Ратае, општина Јегуновце, удрило во велосипед управуван од Р.Р.(64) од с.Требош, општина Желино, по што удрило во паркирано возило „фиат“, паркирано од А.И.(60) од Тетово и во деловен објект. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Р.И., додека со телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Клиничка болница Тетово. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово. 

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Е.П.(30) и А.П.(60), двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претрес во нивниот дом, полициските службеници од криминалистичката полиција при ОВР Кичево пронашле и одзеле вкупно 53 пакувања со кокаин. На двајцата им била одредена мерка притвор во траење од 30 дена и биле спроведени во казнено - поправна установа за издржување  на мерката. 

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против С.Р.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање дете“ по член 201 од Кривичниот законик. На 10.07.2025 во 20.40 часот, при контрола на улицата „Елена Ѓика“ во Дебар, полициските службеници го затекнале пријавениот како питачи со неговата петгодишна ќерка,  по што биле повикани претставници од Центарот за социјални работи Дебар и адвокат за малолетници,  а С.Р. бил лишен од слобода. 

 

На 22.07.2025 во 02.30 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ги лишиле од слобода Ф.Ф.(36) и Ч.Ф.(52), двајцата од кичевското село Трапчин Дол. При семејна веселба во дворот од семејната куќа, Ф.Ф. од пиштол испукал неколку куршуми, кои по одбивање од подот, повредиле 16 - годишно момче од селото Стрелци, кое било пренесено во Општа болница во Кичево. Увид на местото извршиле полициски екипи и по целосно документирање на настанот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветни пријави. 

 

На 21.07.2025 во 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба во Скопје, за време на одржување на Европски младински олимписки игри, на Х.В.(18) од Велика Британија и се слошило, по што со возило на Итна медицинска помош бил пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ Скопје за укажување на лекарска помош. 

 

На 21.07.2025 во 08.40 часот во СВР Скопје, Н.Ј.(35) од Скопје пријави дека околу 05.00 часот пред објект на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од две машки лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.07.2025 во 10.45 часот во СВР Скопје, 40-годишен маж од скопско пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 268.680 денари. Според пријавеното, лицето го контактирало телефонски и се претставило како сопственик на градежна фирма од Кочани, кој сакал да има соработка и да порачува градежни материјали од неговата фирма во скопско. Откако во неколку наврати му бил испорачан материјалот и уредно направена фактура, друго лице, кое се претставило како пријател на лицето од Кочани, му упатило закани по телефон, а подоцна и во неговата фирма во скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (22.07.2025) околу 00.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Г.(52) и М.С.(52) од една страна и Д.Н.(40) и В.М.(41) од друга страна, сите од Скопје. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Мени за пристапност