Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 19.02.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.В.(40) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13.02.2026 на паркинг кај с.Беловодица, прилепско, на магистралниот пат Прилеп- Кавадарци, полициски службеници извршиле преглед на возило, управувано од пријавениот, при што биле пронајдени и одземени кокаин и марихуана.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против И.П.(35) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. На 26/27.12.2025 на своето работно место како благајник во приватна фирма од Скопје, пријавената одзела дел од парите од касата, кои и биле доверени, при што се стекнала со противправна имотна корист од 212.000 денари.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против К.И.(26) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски системи". Пријавениот набавил податоци од платежната картичка, сопственост на 60-годишно лице, по што во повеќе наврати извршил поголем број на трансакции на онлајн плаќања, при што се стекнал со противправна имотна корист од 232.788 денари.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Џ.Д.(36) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 26.01.2026 во Штип, пријавениот со употреба на подесен алат влегол во куќата на С.Д. и откако ја затекнал внатре, со употреба на физичка сила ѝ го одзел мобилниот телефон и личниот накит.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(32) и Е.А.(27), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 31.12.2025 во Тетово,  пријавените физички го нападнале Н.М. (34).

 

На 18.02.2026 во Скопје, на подрачјето на општина Аеродорм, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Д.Ч.(34) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.  

 

На 18.02.2026 во 07:00 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат Гостивар-с.Градец, поточно во с.Дебреше, гостиварско, патничко возило „цитроен“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 35-годишната А.А.Ш. од с.Дебреше, удрило во бандера. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.А.Ш., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.

 

На 18.02.2026 во 11:15 часот во ОВР Крушево е пријавено дека на ул.„Мише Ефтим“ во Крушево се случила сообраќајна несреќа во која патничко возило „опел” со скопски регистарски ознаки, управувано од П.П.(36) од Прилеп, удрило во пешакот С.А.(54) од Крушево. По несреќата С.А. била пренесена во Општа болница „Борка Талески“-во Прилеп каде од страна на доктор констатирани и биле тешки телесни повреди. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Крушево.

 

На 18.02.2026 во 16:20 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Б.З.(38) од Косово. При гранични проверки и пасошка контрола е констатирано дека на увид приложил фалсификувана возачка дозвола. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Ѓ.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено и казниво по член 297-а став 2 од Кривичниот законик. Пријавениот Ѓ.К., на работно место „полицаец“ во Одделот за заштита на определени личности и објекти, на 06.02.2026 на ул. „Даме Груев“ во Скопје управувал патничко возило „сеат алтеа“ без положен возачки испит, при што како учесник во јавниот сообраќај без да поседува возачка дозвола за управување со моторно возило не се придржувал до прописите за безбедноста во сообраќајот, со што управувал моторно возило на безобѕирен начин. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ѓ.К. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муницијата и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ѓ.Ј.(69) од с.Страјане, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.02.2026 во Гостивар, полициски службеници запреле патничко возило „фолксваген пасат“, кое го управувал пријавениот, при што бил пронајден и одземен хероин.

 

На 18.02.2026 во 16:15 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од  СВР Тетово го приведоа Р.М.(51) од Тетово. Тој бил баран со судска наредба за издржување затворска казна за сторено кривично дело по член 284-а од Кривичниот законик. Тој е спроведен во Казнено - поправна установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 18.02.2026 во 15:00 часот во СВР Тетово, 55-годишник од село во општина Желино пријавил дека бил измамен од С.Р. од с.Камењане, општина Боговиње. Според пријавеното, во текот на 2024 година С.Р. му ветил на оштетениот дека ќе му посредува за добивање социјална помош и социјален стан, за што во неколку наврати му исплатил вкупно 4.200 евра. По некое време услугите не биле извршени, а парите не му биле вратени, по што сфатил дека бил измамен. Се преземат мерки за расчистување на случајот.

 

На 19.02.2026 во 02:45 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.Ш.(20), А.Г.(19) и Х.С.(20), сите од Судан, постапувајќи по претходна пријава од 27-годишник од Скопје дека во периодот од 01:30 до 02.30 часот на подрачјето на Кисела Вода му барале пари и физички го нападнале. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 19.02.2026 во 02:28 часот во СВР Скопје, Т.Д.(43) од с.Булачани, скопско, пријави дека во с.Црешево, по претходна расправија во угостителски објект, бил физички нападнат од неколку лица, кои му нанеле тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Ј.А.(32) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори". Во текот на 2025 година во Кавадарци, полициски службеници извршиле претрес во дом на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, семки од канабис и пари.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против М.К.(50) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Тој, на катарстарска парцела во месноста „Бадеми“ во близина на Дебар, на државно земјиште неовластено поставил два помошни објекти со што се стекнал со противправна имотна корист.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Л.Р.(25) од струшката населба Тефериќ, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање лажен исказ“. Тој, во Отсек за управни работи, лажно пријавил изгубена возачка дозвола, иако имал активна забрана за управување на моторно возило, и поднел барање за издавање нова возачка дозвола.

 

На 18.02.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје, 32-годишник од Скопје пријави дека бил измамен од едно лице за сума  од 800 евра. Според пријавеното, претходно, додека управувал патничко возило застанал на знак од лицето, кое му барало пари за да стави гориво да стигне до одредено место. Како што е пријавено, се договориле да му го продаде личниот златен накит, а откако отишол во златарница го известиле дека накитот не е златен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 17.02.2026 во 07:30 часот, полициски службеници од СВР Скопје привеле 17-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во автобус на ЈСП на подрачјето на Кисела Вода во Скопје со уште неколку лица физички ги нападнале Д.Б.(18) и Б.Ј.(18), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.02.2026 во 15:50 часот на подрачјето на Кисела Вода во Скопје, полициски службеници го приведоа С.П.(61) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон вработените во спортска обложувалница и кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија. При преземање мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,90 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 18.02.2026 во 22:50 часот во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода П.Г.(50) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека пред маркет на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје физички ги нападнал В.С.(40) од Скопје и С.В.(51) од Крива Паланка, а потоа со закани ја внел во патничко возило неговата 44-годишна поранешна партнерка и физички ја нападнал. По извршени проверки е констатирано дека П.Г. е под дејство на алкохол, односно дека има 1,15 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветена пријава.

 

На 19.02.2026 во 03:20 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.С.(31) од Сарај, скопско, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

 

Мени за пристапност