СВР Скопје поднесе кривична пријава против К.П.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 10.07.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед кај пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.А.(66) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „издавање чек без покритие и злоупотреба на платежна картичка.“ Во мај 2025, пријавениот ја злоупотребил платежната картичка на Х.Н.(81) од Гостивар и на неколку локации извршил трансакции при што се стекнал со противправна имотна корист во износ од 8.000 денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Ј.(61) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Во текот на 2023 година, пријавениот набавил фалсификувана диплома од средно училиште од Скопје и ја употребил при аплицирање на отворен јавен оглас во јавно претпријатие во Куманово.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.А.(51) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконит лов.“ На 17.01.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „хјундаи“, управувано од пријавениот, при што пронашле и одзеле ловечка пушка и патрони за кои не поседувал дозвола.
СВР Штип поднесе кривична пријава против И.А.(34) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 04.06.2025, по претходна расправија во домот на А.Џ. од Штип, пријавениот со остар предмет му се заканил нему и на неговото семејство.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против И.Ф.(49) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 09.07.2025 во судница на Основен суд Дебар, пријавениот физички нападнал адвокат од Гостивар.
На 17.07.2025 во 02.51 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Бојмија“ во Скопје настанал пожар на патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г.С.(40) од Скопје, патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.П.(36) од Скопје и патничко возило „фолксваген пасат“ со хрватски национални ознаки, сопственост на В.К.(44) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 16/17.07.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.П.(41), Е.К.(26), М.М.(28), Б.Ѓ.(31) и Н.Т.(30), сите од Скопје, Ш.К.(22) и Е.Н.(26), двајцата од с.Арачиново, скопско и Н.К.(23) од с.Глажња, кумановско, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 17.07.2025 во 01.40 часот во СВР Охрид е пријавено дека на регионалниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот помеѓу населбата Рача и стариот влез за хотелот „Парк“, мопед управуван од 16-годишник од Охрид, излетал од коловозот и удрил во метален столб. Тој се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница во Охрид, каде им подлегнал на повредите. Сопатникот, исто така 16-годишник од Охрид, се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. По овластување на јавен обвинител, увид на местото на несреќата изврши екипа на СВР Охрид.
На 16.07.2025 околу 16.05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од бул.„Киро Глигоров“ и ул.„Перо Наков“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу велосипед управуван од И.Ј.(42) од Скопје и електричен тротинет управуван од машко лице, кој по несреќата го напуштил местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила И.Ј., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.07.2025 во 15.24 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосницата од патот Битола-ГП Меџитлија со локален пат за с.Оптичари и локален пат за с.Бистрица, битолско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл без регистарски таблички, управуван од малолетник од Битола и патничко возило „опел астра“ со српски национални ознаки, управувано од П.Ш.(61) од Република Србија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Битола.
На 16.07.2025 во 19.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Т.Б.(44) од Куманово затоа што агресивно се однесувал и им се заканувал на полициски службеници кои вршеле службени дејствија и носел остар предмет. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 16.07.2025 во 15.30 часот во с.Жван, демирхисарско, полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги лишиле од слобода Г.Р.(26), Г.М.(47) И Г.Г.(26), сите од Република Романија, поради сомнение за сторено кривично дело „измама”, казниво по член 247 од Кривичниот законик. Имено, тие во с.Слоештица, демирхисарко, довеле во заблуда неколку жители и им продале наводно брендирани предмети за домаќинство, кои пак за возврат им дале златен накит и парични средства. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Денеска (17.07.2025) во 03.27 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Ракотинци, скопско, настанал пожар во стариот објект на основното училиште. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат, а при интервенцијата со повреди се здобил еден пожарникар, кој е пренесен во здравствена установа за укажување на лекарска помош. Се работи на расчистување на настанот.
На 16.07.2025 во 15.30 часот во ОВР Пробиштип било пријавено дека помеѓу селата Троло и Пестришино, пробиштипско, настанал пожар од кој биле зафатени две парцели со ожнеано жито, нискостеблеста шума, трева, грмушки и патничко возило „рено меган“ со штипски регистарски ознаки, сопственост на В.М. од Пробиштип. Од екипи на Територијалната противпожарна единица Пробиштип пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.
На 16.07.2025 во 16.30 часот, 28-годишна жена од Скопје пријавила дека на 14.07.2025 во домот на подрачје на Чаир била физички нападната од нејзиниот сопруг Д.Ѓ.(32). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.07.2025 во 11.30 часот во СВР Скопје, К.М.(26) пријавила дека на 10.07.2025 околу 11.00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од Н.Ј.(44), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 16.07.2025 во 14.00 часот во СВР Скопје, 23-годишна жена од Скопје пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од мајката на нејзиниот вонбрачен сопруг Л.Ј.(48), а пред два дена била физички нападната и од нејзиниот вонбрачен сопруг Ј.Ј.(27), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.07.2025 во 20.30 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека се вратил нивниот штитеник И.И.(14), за кој на 30.06.2025 беше пријавено дека се оддалечил од установата.
На 16.07.2025 во 12.40 часот во СВР Скопје, 68-годишен маж од Скопје пријавил дека во периодот од 23.03.2023 до 16.04.2024, од женско лице Т.П.Н. бил измамен за сума од 48.875 денари. Според пријавеното, таа се претставила како осигурителен брокер, вработена во правен субјект, и му понудила полиси за осигурување за неговиот недвижен имот во Скопје и Дојран, од кои на трансакциска сметка платил 33.875 денари, додека пак во готово и дал 15.000 денари. Како што е пријавено, откако не ги добил полисите за осигурување, сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.07.2025 во 09.00 часот во СВР Скопје, 65-годишна жена од Скопје пријавила дека во мај 2025 година преку социјална мрежа комуницирала со машко лице и се договориле да склучат брак. Според пријавеното, лицето и побарало пари за да можат да се сретнат во Охрид, по што таа во три наврати преку брз трансфер на пари му пуштила вкупно 6.700 евра, а подигнала и 3.000 евра кредит од банка. Како што е пријавено, откако не се сретнале, таа сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.07.2025 во 22.59 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил пронајден И.Б.(79) од Скопје, кој претходно од неговиот син И.Л.(45) бил пријавен дека се оддалечил од домот.