Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 04.03.2025

На 03.03.2025 во 20.30 часот на улица „Иво Лола Рибар" во Гостивар, полициски службеници од СВР Тетово во содејство со полициски службеници од Сектор за меѓународна полициска соработка го привеле Б.Н.(42) од с.Чегране. Тој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор во траење од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 386 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Г.В.(48) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 3 и став 1, а во врска со член 45 од Кривичниот законик. Пријавениот Г.В., како директор на општинско основно училиште во Делчево, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во периодот од 01.09.2021 до 19.10.2021 постапил спротивно на член 77 и член 49 од Законот за јавни набавки. Имено, без донесена одлука и без спроведена поедноставена отворена постапка, во која секој заинтересиран економски оператор може да поднесе понуда врз основа на оглас за јавна набавка, без да склучи договор за јавна набавка за превоз на ученици во периодот, повикувајќи се на претходен договор со истечен рок на важност, Г.В. усно договорил превоз на ученици од училиштето со правно лице од Делчево и на тој начин овозможил правното лице да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 193.000 денари. Исто така, пријавениот за сите релации платил на правното лице и покрај тоа што знаел дека за дел од релациите превозот го вршел подизведувачот, кој поднел тужба и со пресуда на Апелационен суд Штип од училиштето му биле исплатени 200.074 денари.

 

На 03.03.2025 во 09.50 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.М.(19) од с.Петровец, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.


На 03.03.2025 во 19.50 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.И.(27) и Д.У.(28), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 14.15 часот во Скопје, на подрачјето општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(31) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.


На 03.03.2025 во 21.20 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Т.П.(36) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 03.03.2025 во 14.45 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Ш.(34) од Прилеп затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 21.40 часот на ул.„Ѓорче Петров” во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода М.В.(32) и К.С.(30), двете од Битола, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и грутчеста материја. По документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 22.50 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Б.М.(41) од Штип. При преглед во патничко возило „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена зелена растителна материја. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 03.03.2025 во 11.00 часот на ул.„Леце Котески“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Е.И.(31) од Прилеп затоа што кај него биле пронајдени предмети со остатоци од прашкаста материја. По документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 21.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Б.П.(18) од Скопје затоа што кај него бил пронајден и одземен нож. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 19.10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Теарце го лишиле од слобода Џ.Ц.(42) од Косово, постапувајќи по претходна пријава од вработен во Национален парк „Шар планина“ дека на место во атар на с.Јажинце вршел бесправна сеча на дрва. Тој бил затекнат при извршување на делото и по наредба на јавен обвинител бил спроведен и задржан во СВР Тетово за понатамошна постапка. Додека, исечените дрва, моторната пила, секира и три коњи биле одземени. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 14.18 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на регионалниот пат во близина на комплексот „Негорски бањи“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген транспортер“ со валандовски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(41) од с.Собри, валандовско и мотоцикл „хонда“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од С.Д.(48) од с.Негорци, гевгелиско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот и на пат кон болница, починал во возило на Итната медицинска помош. Лекар констатирал смрт, а увид на местото извршиле увидна екипа од ОВР Гевгелија и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

На 03.03.2025 во 15.35 часот во Полициската станица Кисела Вода, С.Г.(80) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода во Скопје бил каснат од куче скитник.
На 03.03.2025 во 17.10 часот во Полициската станица Аеродром, А.С.(45) од Скопје пријавил дека на ул.„Бојмија“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

 

На 03.03.2025 во 16.00 часот во Полициската станица Гази Баба, И.Т.(51) од Скопје пријавил дека на ул.„Среќко Пужалка“ во Скопје, неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.


На 03.03.2025 во 16.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Г.Т.(52) од с.Мралино, скопско, пријавил дека во Камник во Скопје бил каснат од куче скитник.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.К.(42) и Н.К.(45), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“. Двајцата, во периодот од 2021 до 2024 година, договарале и примале и со присилба изнудувале парични средства од лице од Охрид. На тој начин, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 9.715.000 денари.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.М.(40) од струшкото село Корошишта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, директор на основно училиште во струшкото село Подгорци, набавил лажен сертификат за положен англиски јазик од филијала лоцирана во една соседна земја и го употребил во прилог на документи за избор на директор. По извршени проверки, добиен е одговор дека лицето не е регистрирано во базата на податоци и евиденции во филијалата.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.М.(50) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и против М.А.(46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „измама“. Пријавениот, во текот на ноември 2024 година, додека бил на издржување затворска казна, измамил 46 - годишна жена од струмичко село за сума од 600 евра. Имено, пријавениот ѝ се јавил и претставувајќи се лажно ја довел во заблуда дека нејзината почината мајка имала долг во фирмата во која претходно работела и дека М.А. ќе мора да го подмири долгот за да не биде отпуштена од нејзиното работно место. Второпријавената пак, му помагала на првопријавениот при вршење на кривичното дело.


ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.В.(21) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.12.2024 на улица „Партизанска“ во Струга, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга извршиле контрола кај пријавениот, при што пронашле и одзеле пиштол „екол мајор“ калибар 9 мм. кој неовластено го поседувал.

 

На 03.03.2025 во 19.00 часот на патот кон вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп од лицата Е.А.(35) и С.Ш.(29), двајцата од Прилеп, одзеле две запрежни коли кои биле натоверни со огревно дрво без документација. Дрвната маса била предадена на Шумска полиција Прилеп, а по целосно документирање на настанот, против лицата ќе следува соодветна пријава.


Денеска (04.03.2025) во полициска станица бил извршен службен разговор со И.М.(26) и С.М.(47), двајцата од с.Јурумлери, скопско, постапувајќи по претходна пријава дека по претходна расправија за паркирање на возила, им се заканувале на нивните соседи Б.Д.(32) и А.Д.(27). По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 03.03.2025 во 13.00 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 307.500 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.03.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, 83-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 457.320 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и се претставило како поранешен полициски службеник, по што ѝ кажало дека нејзината ќерка била тешко повредена во сообраќајна несреќа која претходно ја предизвикала и во која прегазила дете мигрант, а доколку не сака таа да оди во затвор треба да даде пари. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.03.2025 во 11.36 часот во СВР Скопје било пријавено дека во 11.00 часот во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ паднала вработената Д.Г.(57) од Скопје и се здобила со тешки телесни поврди, констатирани во Ургентниот центар при комплексот. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото и за настанот бил известен трудов инспектор.

 

На 03.03.2025 во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, по претходно недоразбирање околу паркирање на возила, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.М.(41) од Охрид и З.А.(49) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.03.2025 во 17.30 часот СВР Скопје, Л.Т.(74) од Скопје пријавила дека во двор од семејна куќа во с.Петровец, скопско, по претходна расправија, била физички нападната од нејзината сосетка А.Ц.П. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.03.2025 во 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на православните гробишта во с.Катланово, скопско, бил ископан гробот на починатото лице З.В.. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.03.2025 во 13.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ починал Т.К.(24) од Куманово. Според пријавеното, тој бил хоспитализиран на 24.02.2025 поради влошена здравствена состојба. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

На 03.03.2025 во 17.50 часот во СВР Скопје, од Комлекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека во 15.30 часот кај нив со влошена здравствена состојба бил донесен Д.Т.(35) од Скопје, осуденик во Казнено - поправната установа Затвор Идризово., кој во 17.15 часот починал. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Б.Ј.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 11.11.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле амфетамин.

 

Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава против А.М.(44), А.М.(35), Ф.А.(61) и Ѓ.К.(55), сите од Скопје и против М.М.(41) од Куманово поради постоење основи за сторено кривично дело „трговија со дете“. Во текот на 2024 година, пријавените А.М., А.М., Ф.А. и Ѓ.К., користејќи ја финансиска состојба на пријавената М.М., која била бремена, ја измамиле така што ѝ обезбедиле финансиска помош во висина од 250 до 270 евра, како и бесплатни лекарски прегледи за незаконско посвојување на нејзиното новородено бебе. На 18.02.2025, откако М.М. родила женско бебе, со нотарска изјава му дала старателството на А.М., дека бебето го остава доброволно на чување, воспитување и издржување, за што и била исплатена сума од 4.000 евра. Од страна на судија на претходна постапка, на А.М. и М.М. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на А.М., Ф.А. и Ѓ.К. им е одредена мерка домашен притвор.

Мени за пристапност