Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 02.04.2025

СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Р.(45) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.12.2024 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени две дигитални ваги со остатоци од хероин. 

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против У.С.(20) од с.Конче, општина Конче, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.06.2024 во Радовиш полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Т.Г.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,убиство“ во обид. На 18.02.2025 во Струмица, по претходна расправија, пријавениот со остар предмет му нанел убодна рана на М.М. од Струмица.

 

На 01.04.2025 во 05.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Дарданија“ во село Сарај, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „југо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(52) од Скопје и мотоцикл управуван од В.М.(43) од село Грчец, скопско. Во несреќата В.М. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 01.04.2025 во 15.06 часот во ОВР Кичево, било пријавено дека на магистралниот пат А2, Кичево-Гостивар, помеѓу селата Колари и Тајмиште, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Ш.Ш.(33) од Кичево и товарно возило „фолксваген крафтер“ со српски национални ознаки, управувано од В.Т.(32) од Република Србија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „голф“ Ш.Ш.(54), додека со телесни повреди сопатникот од истото возило И.Ш.(58), двајцата од село Колари, кичевско. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кичево.

 

На 01.04.2025 во 21.15 часот во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Г.С.(27) и Ф.А.(27), двајцата од Скопје, Д.С.(20) од село Псача, кривопаланечко, како и П.К.(38) од Куманово, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 01.04.2025 во  00.30  часот во Полициска станица Карпош, од Јавната установа за згрижување деца било пријавено дека се вратиле нивните штитеници А.Х.(12) и К.П.(17) кои на 31.03.2025 биле пријавени дека се оддалечиле од установата.

 

На 01.04.2025 во 17.30 часот во Полициско одделение Петровец, полициски службеници од Полициска станица Гази Баба ја пронашле малолетничката М.Б.(14),  која на 31.03.2025 од страна на нејзината мајка била пријавена дека се оддалечила од домот.

 

На 01.04.2025 во 17.30 часот во ОВР Кавадарци  било пријавено дека во Општа болница Кавадарци со тешки телесни повреди бил донесен М.С.(55) од село Криволак, неготинско. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи во Неготино, како вработен во јавното претпријатие „Комуналец“ од Неготино. 

 

На 01.04.2025 во 14.20 часот во СВР Охрид е пријавено дека во село Делогожда, струшко, при извршување на работни задачи се здобил со повреди С.Г. (63) од Охрид, вработен во фирма од Скопје. Полициски службеници излегле на местото на настанот и извршен е увид во содејство со трудова инспекција, при што е констатирано дека при изведување на градежни работи околу канализациона мрежа се урнал дел од откоп од земја при што С.Г. се здобил со повреди и бил пренесен во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, каде што се констатирани тешки телесни повреди. За настанот е известен надлежен јавен обвинител од ОЈО Струга.

Мени за пристапност