СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.М.(36) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против Џ.Ш.(57) и С.М.(31), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 20.03.2025 во Куманово, првопријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија, а се обидел да употреби и остар предмет. Второпријавениот и третопријавената ги попречувале полициските службеници при извршување на службените задачи.
СВР Штип поднесе кривична пријава против А.В.(19) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 23.03.2025 во Македонска Каменица, пријавениот физички нападнал полициски службеник.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.У.(37) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“. Пријавената, од домот на едно лице украла три платежни картички и извршила вкупно 12 трансакции на различни локации.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.В.(43), управител во правно лице од с.Горно Добреноец, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување службена исправа’’, против С.С.(41) - соработник за евиденција на побарувања и обврски во ЈП „Национални шуми“, В.Р.(58) - финансов оперативец во ЈП „Национални шуми“ и против З.К.(65) - поранешен директор во ЈП „Национални шуми“ - Подрачно шумско стопанство Лопушник во Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,несовесно работење во службата’’. Во текот на 2022, 2023 и 2024 година, по претходно склучен Договор за транспорт на дрвни сортименти помеѓу ЈП „Национални шуми“ и правното лице, првопријавената доставила фактура до ЈП „Национални шуми“ Подрачно шумско стопанство Лопушник во Кичево, во која внела три испратници за превоз со невистинита содржина за услуга која не била извршена од нивна страна, за реализиран транспорт на дабово огревно дрво. Додека, останатите пријавени со пропуштање на должен надзор не ги увиделе неправилностите и фактурата со невистинита содржина ја примиле, процесуирале и исплатиле и на тој начин нанеле штета на ЈП „Национални шуми“.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Ж.М.(56) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавената, директор на средно училиште во Свети Николе, распишала оглас и на 05.09.2024 вработила лице како наставник со неполно работно време од 18 работни часови. После тоа, во периодот од септември 2024 до март 2025, пријавената од пет вработени на неопределено работно време одзела часови по норматив и ги доделила на лицето. Со ваквите дејствија незаконски му исплатила плата со придонеси во вкупен износ од 174.805 денари оштетувајќи го Буџетот на Министерството за образование и наука.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Н.(35) од Куманово поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 31.10.2024 во Казнено - поправната установа Затвор Куманово бил извршила преглед над пријавениот, осуденик во установата, при што биле пронајдени и одземени МДМА таблети.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.И.(47) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 22.10.2024 во с.Белица, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле куршуми со калибар 7,62 мм.
Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.С.(45) од Скопје, затоа што на 27.03.2025 околу 21.50 часот во Скопје, на крстосница од ул.„Адем Демачи“ со ул.„Методија Митевски“, со патничко возило „фиат“ со скопски регистарски таблички удрил во пешакот А.А.(57) од Скопје. Пешакот е пренесен за укажување на лекарска помош во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Известен е јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР Скопје И.С. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Х.(52) од Република Турција, со живеалиште во Скопје, затоа што на 27.03.2025 околу 17.30 часот во Скопје, на крстосницата од ул.„Филип Втори Македонски“ со ул.„Мирче Ацев“, со патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски таблички удрил во Л.М.(48) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Л.М., констатирани во ГОБ „Св.Наум Охридски“. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.С.(33) од Струга и С.Ш.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „помагање при вршење на измама“. Во периодот од 21.11.2024 до 17.12.2024, пријавените измамиле двајца сопружници од Струга и им причиниле материјална штета од 229.000 денари. Тие стапиле во контакт со нив преку социјална мрежа и, претставувајќи се лажно како лица кои сакаат да донираат парични средства за лекување на нивниот болен син во странска земја, во неколку наврати им побарале да испратат одредена сума на пари за да може средствата кои наводно сакаат да ги донираат да се ослободат од даночните обврски. Откако неколку пати испраќале пари преку автопревозници во Скопје, од сопружниците било побарано да им ги пуштат кодовите за активирање на трансакциските сметки, а откако ги дале кодовите, во наредните неколку денови имале повеќе приливи и одливи од нивните сметки. После тоа, на сметката на оштетениот легнале пари од повеќе финансиски друштва, иако не побарал од ниту едно финансиско друштво да му биде одобрен кредит.
На 27.03.2025 на различни локации во Скопје полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.Ш.(22), Е.А.(33), Т.Т.(31) и В.Т.(47) сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица и управителот Ј.П.(59) од село Секирник, општина Босилово, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик. Во периодот од 01.12.2020 до 31.12.2020, согласно пријавената состојба од вкупно 11.755.927 денари, пријавените имале обврска да пресметаат и уплатат данок на друг доход во вкупен износ од 1.306.083 денари, но не го уплатиле и за таа сума го оштетиле државниот буџет.
На 26.03.2025 во 08 часот во индустриска зона Жабени, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода В.Б.(25) од Битола, кој бил баран по централна потерница, врз основа на судска наредба, за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Битола за издржување на казната.
На 27.03.2025 во 14.15 часот во СВР Битола било пријавено дека во дворно место во с.Крклино, битолско, била пронајдена граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ја подигнал гранатата и било констатирано дека се работи за артилериска граната со калибар 105 мм од Првата светска војна.
На 27.03.2025 во 17.40 часот полициски службеници од СВР Скопје го привеле Д.З.(39) од скопско село, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17.00 часот во семејниот дом физички ги нападнал неговиот 73-годишен татко и 70-годишната сопруга на неговиот татко. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.03.2025 во 21 часот во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека на ул.„Страшо Пинџур“ во Кавадарци, патничко возило удрило во И.Ш.(51) од Кавадарци и оштетило патничко возило „ренџ ровер“ со кавадаречки регистарски ознаки, паркирано од А.М.(70) од Кавадарци, по што возилото го напуштило местото. Притоа, со телесни повреди се здобила И.Ш., констатирани во Општа болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.03.2025 во 23.15 часот во СВР Скопје, 38-годишна жена од Скопје пријавила дека на 26.03.2025 околу 01 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот партнер М.Ј.(27). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.03.2025 во 11 часот во Полициската станица Бит Пазар, Д.С.(23) од Скопје пријавил дека била пронајдена неговата сопруга Ж.Е.(21), за која на 16.03.2025 беше пријавено дека се оддалечила од семејниот дом.
На 27.03.2025 во 19.20 часот во Полициската станица Центар, В.П.(74) од Скопје пријавил дека од кругот на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје се оддалечил неговиот брат Т.П.(70) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Денеска (28.03.2025) во 02.40 часот во Полициската станица Чаир, В.А.(43) од Скопје пријавил дека од семејниот дом се оддалечила неговата сестра В.А.(33) од Скопје, а, според пријавеното, можно е да е со лицето Љ.С.. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.