Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневни настани 26.03.2025

На 25.03.2025 во 22.30 часот во с.Живојно, општина Новаци, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Меџитлија го лишиле од слобода Т.Н.(42) од с.Живојно поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела по член 235 и член 242 од Кривичниот законик. При контрола на патничко возило „шкода“ без регистарски таблички, кое го управувал, биле пронајдени повеќе пластични туби со нафта и масло за машини за кои постои сомнение дека ги одзел од фирмата во која работи. Возилото и тубите биле одземени, а лицето било предадено во СВР Битола и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 25.03.2025 во 22.00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Т.А.(33) од Кочани и Ш.А.(30) од Скопје затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.С.(34), А.Б.(28), Е.Б.(30), Н.Ј.(33), сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Во периодот од 2021 до 2024 година, пријавените во повеќе наврати на лице од охридско, преку неговата невенчана сопруга, му давале пари на заем, а после тоа договарале за себе несразмерна противправна имотна корист и со присилба им изнудиле вкупно 17.990.000 денари. Парите, освен што биле уплаќани на сметките на пријавените, биле уплаќани и на сметките на други лица.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.Т.(53) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи’’. Во периодот од 04.11.2024 до 24.12.2024, пријавениот одбивал да го предаде и во својот дом неовластено држел оружје за кое претходно било донесено решение за привремено одземање поради нарушен јавен ред и мир и физички напад.

 

На 24.03.2025 во 21.30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода А.А.(26) од Радовиш поради сомнение дека сторил повеќе кривични дела. Тој бил задржан во Полициската станица Радовиш и во службен разговор признал дека сторил едно кривично дело „предизвикување општа опасност“ на подрачје на Радовиш и две кривични дела „тешка кражба“ на подрачје на Штип. Известен бил јавен обвинител и по документирање на случаите против А.А. ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

На 26.03.2025 во 01.00 часот на ул.„Генерал Васко Карангелевски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Д.М.(30) од Битола затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 25.03.2025 во 23.40 часот на бул.„Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го привеле А.Д.(26) од Охрид затоа што при контрола во возилото „бмв“, кое го управувал, кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.А.(49) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 07.10.2024 на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во с.Мидинци, кичевско, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „рено“ управувано од пријавениот, при што биле пронајдени огревни дрва. Притоа, тој се дал во бегство, а по преземени мерки и по пристигнување во семејниот дом, пријавениот со остар предмет упатувал закани кон полициските службеници.

 

На 25.03.2025 околу 21.00 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Џ.О.(21) од Штип затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 25.03.2025 во 19.35 часот на магистралниот пат А2, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода В.Д.(38) од Штип затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.С.(53) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство. На 07.03.2025 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата 38-годишна вонбрачна сопруга.

 

На 25.03.2025 во 16.30 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Д.К.(24) од Битола, кој бил баран по потерница врз основа на наредба од Основен суд Битола за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Битола за издржување на казната.

 

СВР Охрид до Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против Ј.С.(44) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“ по член 383 од Кривичниот законик. На 11.03.2025 во Охрид, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

 

На 25.03.2025 во периодот од 07.00 до 15.00 часот, при вршење на редовни контролни активност на подрачјето на СВР Тетово, полициски службеници од СВР Тетово констатирале пет кривични дела извршени од превозници кои вршат јавен превоз на патници без поседување на лиценца, предвидено и казниво по член 284-а од Кривичниот законик. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.Е.(56) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на 2025 година на катастарска парцела негова сопственост во с.Пршовце, тетовско, пријавениот изградил објект од тврда градба без да поседува дозвола за градење од надлежен орган.

 

На 25.03.2025 во 16.30 часот на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Б.Ј.(36) од Скопје. Тој се сомничи дека околу 14.40 часот со остар предмет се заканувал на неговата сосетка А.С.(26) од Скопје, ги скршил предните ветробрански стакла на нејзиното и уште едно возило, а со тврд предмет скршил прозорци на соседната куќа. Лицето било пренесено во здравствена установа и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 25.03.2025 во 11.17 часот во СВР Битола било пријавено дека во периодот од 16.00 часот на 24.03.2025 до 10.00 часот на 25.03.2025 покрај црквата „Св.Ѓорѓија“ во атар на с.Слатина, општина Македонски Брод, бил извршен ископ при што биле извадени четири камени плочи и остатоци од коски кои најверојатно се од човечко потекло. Увид на местото извршила екипа од ОВР Македонски Брод, запознаен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(58) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“.На катастарска парцела во атар на с.Брезно, тетовско, пријавениот изградил објект од тврда градба и узурпирал земјиште во државна сопственост без да поседува дозвола за градење од надлежен орган.

 

На 25.03.2025 во 20.33 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди бил донесен Д.Т.(34) од Скопје. Според пријавеното, во населба Автокоманда тој бил физички нападнат од едно лице, при што се здобил со повредите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.03.2025 околу 23.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на бул.„Крсте Петков Мисирков“ во Скопје, пет малолетници од Скопје биле физички нападнати од осум машки лица, при што едно од нив им се заканувало со остар предмет. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

 

На 26.03.2025 во 02.00 часот во Полициската станица Бит Пазар, И.А. пријавил дека околу 00.10 часот на ул.„Цветан Димов“, три лица со остар и тврди предмети се заканиле на неговиот малолетен син и му одзеле пари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

 

На 25.03.2025 околу 15.35 часот во СВР Велес, од болницата во Велес било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен Е.С.(22) од село Клуковец, велешко. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при пад од мотоцикл во село Клуковец. Полициски службеници излегле на лице место и се работи на расчистување на случајот.

 

На 25.03.2025 во 14.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Видое Смилевски Бато“ во Скопје, Е.Б.(25) од Скопје, управувајќи мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и со мотоциклот излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридкси“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.О.(50) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување’’. На 21.01.2025, пријавениот - вработен во регионалната дирекција на УЈП - Тетово, искористувајќи ја својата положба и овластување, го известувал менаџерот во казино во Тетово и оддавал службени информации за планираните контроли во казиното.

 

На 25.03.2025 во 12.20 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„Маврово“ и ул.„Цар Самоил“ во Битола, патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од К.Д.(44) од Битола, удрило во пешакот С.С.(65) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.С., констатирани во болницата во Битола. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола.

 

На 20.03.2025 на Граничен премин „Долно Блаце“, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода В.С.(34) од Република Албанија затоа што при пасошка контрола било констатирано дека за лицето е распишана меѓународна поерница од Интерпол-Германија за сторено кривично дело „трговија со дрога“. Од Основен суд Скопје му е одреден 30 - дневен екстрадиционен притвор, по што е пренесен во Казнено - поправната установа Затвор Скопје.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Ј.(58) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ и „загрозување на сигурноста“. На 13.02.2025 во Тетово, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, пријавениот физички нападнал едно лице.

 

На 24.03.2025 во 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.К.(33) и С.С.(46), двајцата од Скопје, при што едниот од нив употребил тврд предмет. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 25.03.2025 околу 18.30 часот во СВР Скопје, Л.П.(60) од Скопје пријавил дека во дворот од неговата куќа на подрачјето на општина Аеродром, две лица физички го нападнале. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.С.(59) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 13.03.2025 пред семејната куќа на пријавениот во с.Саса, неговото куче, кое било без надзор- заштитна корпа, нападнало едно лице.

 

На 25.03.2025 во 19.40 часот во СВР Скопје, В.П.(23) од село Љубанци, скопско, пријавил дека околу 15.35 часот на подрачјето на Чаир, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Во СВР Скопје, Д.Г.(50) од Скопје пријавил дека на 23.03.2025 во 09.30 часот во парк на подрачјето на Драчево бил физички нападнат од М.Т.(25) од Скопје. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.


На 25.03.2025 во 12.20 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца со воспитно - социјални проблеми и нарушено поведение е пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Мени за пристапност