Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневни настани 25.05.2025

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.А.(21) и Б.Р.(24), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 31.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавените, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против С.Б.(56) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа’’. На 12.05.2025 на Граничен премин Табановце, пријавениот на увид приложил фалсификувана возачка дозвола.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.А.(22) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 26.12.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.  

 

 На 24/25.05.2025 во 00.10 часот во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.П.(20) од с.Буковиќ, скопско и А.В.(33) од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

Денеска (25.05.2025) вo 01.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на железнички премин Хиподром, локомотива, сопственост на ЈП „Македонски железници“, удрила во пешакот С.Л.(55) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

              

На 24.05.2025 околу 11 часот во СВР Охрид е пријавено дека на ул.„Живко Чинго“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со охридски регистарски ознаки, управувано од А.М.(49) од Охрид и патничко возило „волво“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Д.Г.(66) од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле А.М. и нејзиниот сопатник Т.М.(41) од Охрид, додека со телесни повреди се здобил Д.Г., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид.

 

На 25.05.2025 во 05.30 часот во Прилеп, на ул.„Толе Паша“ полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Ѓ.Г.(31) од Прилеп, кој бил затекнат при вршење на кривично дело “кражба” во двор на куќа во Прилеп. Украденото било вратено на сопственикот, а по документирање на настанот, против Ѓ.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Денеска (25.05.2025) во 02.52 часот во СВР Штип 33-годишна жена пријавила дека на бензинска пумпа во Штип била физички нападната од нејзиниот партнер Е.Ј.(34) од с.Конче, радовишко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 17.30 часот во СВР Штип Џ.Е.(20) од Р.Турција, а со престој во Штип, пријавила дека околу 16.50 часот во продажен објект во Штип била физички нападната од Н.Ш.(женско лице). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 14.00 часот во светиниколско село полициски службеници од Полициската станица Свети Николе го лишиле од слобода Д.М.(68) од Свети Николе, по претходна пријава дека околу 12.30 часот во нејзиниот дом физички ја нападнал неговата 56-годишна поранешна сопруга и со остар предмет и упатувал закани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

              

Денеска (25.05.2025) во 02 часот во СВР Скопје, А.Г.П.(29) од Р.Грција пријави дека на 24.05.2025 околу 23 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар, бил физички нападнат од неколку лица, при што еден од нив употребил стаклен предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 14.42 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријави дека била измамена од едно лице за сума од околу 120.000 денари. Според пријавеното, лицето и се јавило телефонски и ја информирало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете-мигрант и за да не оди во затвор и побарало пари. Како што е пријавено, таа подигнала 60.000 денари од банка, а од домот зела злато што го имала и ги оставила на местото каде што ѝ кажало лицето. Подоцна, откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 16.54 часот во СВР Скопје, А.Т.(30) од с.Инџиково, скопско пријави дека околу 16.20 часот на подрачјето на општина Аеродром, додека се движел со товарно возило, три лица кои биле со патничко возило му го попречиле патот, при што едното лице физички го нападнало, додека другите две со употреба на физичка сила се обиделе да го извлечат од возилото. Откако успеал да им побегне, истите го престигнале и со употреба на тврди предмети му го оштетиле возилото и физички го нападнале со тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

              

На 24.05.2025 околу 18.50 часот во СВР Скопје, Д.А.(37) од с.Радишани, скопско, пријави дека на 23.05.2025 околу 23.30 часот на бензинска пумпа на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од В.П., Ј.Ш., А.К., Н.С. и Н.С. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 21.51 часот во СВР Скопје, А.Б.(49) од Скопје пријави дека околу 21.00 часот во двор на градинка на подрачјето на Чаир, на неговиот малолетен син му пришле четворица малолетници, а едниот од нив физички го нападнал и му ги одзел слушалките. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 23.30 часот во СВР Скопје, Ј.М.(35) од Скопје пријави дека околу 21 часот на подрачјето на Центар, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од тројца малолетници, од кои едниот снимал со мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 22.15 часот во СВР Скопје, 30-годишна жена пријави дека околу 13 часот во домот на подрачјето на Центар, била физички нападната од нејзиниот сопруг М.П.(41). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.05.2025 во 16.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба е нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Л.(51) од Скопје и Р.С.(43) од с.Синѓелиќ, скопско. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

                             

На 23.05.2025 во 19.50 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 19 часот во с.Мралино, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, е нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ж.Т.(43), Б.Л.(31), Д.Т.(68), Љ.Т.(37) и Ч.Т.(64), сите од с.Мралино, скопско. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 24.05.2025 во 05 часот во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 00.18 до 04.40 часот во обложувалница на подрачјето на Чаир во Скопје, едно лице со употреба на физичка сила и погоден алат одзело осум кеш бокса, при што ги оштетил сите апарати, а исто така одзел и сеф кој бил под работниот пулт. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (25.05.2025) вo 00.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул.„11-ти Октомври“ со ул.„Димитрије Чуповски“, кај порта Македонија, патничко возило „ауди а4“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од Л.Л.(39) од Македонски Брод, излетало надвор од коловозот и удрило во бетонски столбчиња, канделабра и една тенда од продажен објект. Во незгодата со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. По несреќата, возилото се запалило, при што од страна на полициски службеници било интервенирано и огнот било изгаснат. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Мени за пристапност