Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневни настани 04.06.2025

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.К. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи”. На 30.11.2024 во Куманово, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што бил пронајден и одземен пиштол.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против В.Л.(41) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“. На 01.03.2025, пријавениот агресивно се однесувал и упатувал закани на својата 33-годишна сопруга.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Ѓ. (43) од с.Долно Седларце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама’’. На 27.03.2025 во с.Градец, пријавениот направил договор со едно лице за поправка на мебел, по што го земал мебелот и аванс, но до пријавувањето не ја завршил договорената работа и не го вратил мебелот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Р.(70) од с.Равен, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и ,,фалсификување на исправа“. Во март 2025 година во угостителски објект во Гостивар, пријавениот се претставил лажно како сервисер од правно лице и за сервисирање земал противпожарен апарат и го вратил со достава на фалсификуван сервисен картон, што било констатирано на 03.04.2025 при извршена контрола од Дирекцијата за заштита и спасување.

На 03.06.2025 околу 21.00 часот во СВР Куманово е пријавено дека на локален пат од  с.Орашац, кумановско, кон регионален пат Куманово-Свети Николе, М.П.(20) од с.Доброшане, кумановско, управувајќи мотоцикл „бмв“ без регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во бетонски стол. Од здобиените повреди мотоциклистот починал на местото, а смрт  констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид извршила екипа од СВР Куманово, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 03.06.2025 околу 17.10 часот во СВР Охрид е пријавено дека на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, после с.Трпејца, З.И.(58) од с.Лескоец, охридско, управувајќи мопед со охридски регистарски ознаки, изгубил контрола и со мопедот излетал од коловозот.  Во несреќата, З.И. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа на СВР Охрид.  
На 03/04.06.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ф.К.(23), В.Д.(43), Д.Ѓ.(43), П.С.(36) и А.Б.(22), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 04.06.2025 во 00.20 часот во с.Арачиново, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода К.Б.(41) од Скопје. При контрола на патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, пронајдена и одземена е стока за која не поседувал соодветна документација. Возилото и стоката се одземени, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава по член 278 од Кривичникот законик.

На 03.06.2025 околу 14.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Миле Попјорданов“ и ул.„Илија Палев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.С.(37) од Скопје и товарно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(57) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на товарното возило, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

На 03.06.2025 околу 16.40 часот во СВР Тетово е пријавено дека на бул.„Видое Смилески Бато“ во Тетово, мотоцикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Х.Ш.(56) од с.Мала Речица, тетовско, удрил во пешакот Ф.Б.(67) од с.Стримница, тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Ф.Б., констатирани во Клиничката болница во Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

На 03.06.2025 околу 14.00 часот во СВР Тетово е пријавено дека на крстосница од ул.„121“ и бул.„Видое Смилевски Бато“ во Тетово, електричен тротинет удрил во пешакот Е.М.(53) од с.Добарце, тетовско, по што лицето кое го управувало го напуштило местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.М., констатирани во Клиничката болница во Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

На 03.06.2025 во 07.50 часот во ОВР Радовиш, од Итна медицинска помош Радовиш  е пријавено дека кај нив со повреди е донесен А.П.(48) од с.Смиланци, радовишко. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување на работни задачи во фирма од Радовиш. Известен е трудов инспектор, а увид извршила екипа од ОВР Радовиш.  

На 03.06.2025 во 13.00 часот во ОВР Радовиш, 44- годишна жена од радовишко пријави дека била измамена од Б.М. од Радовиш за сума од 193.230 денари. Според пријавеното, на 13.05.2024, Б.М. од рент а кар компанија од радовишко изнајмил патничко возило во нејзина сопственост и без нејзино одобрение заминал во Сојузна Република Германија, а за да ја држи во заблуда повремено праќал одредена сума на пари. Како што е пријавено, на 24.05.2025 тие повторно склучиле договор, но тој повторно не го испочитувал и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист за наведената сума. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 03.06.2025 во 09.30 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив е донесено починато тригодишно дете од Кавадарци, кое од претходно имало здравствени проблеми. Лекар констатирал смрт, а во службен разговор, неговата мајка Т.Ѓ.С.(36) од Кавадарци изјавила дека околу 03.00 часот го однела во Општа болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што во 08.45 часот е констатирана смрт. По наредба на јавен обвинител телото на починатото дете е предадено на обдукција.

На 03.06.2025 во 13.20 часот во СВР Струмица, М.С.(40) од с.Баница, струмичко, пријавил дека во 06.00 часот пред Градската капела во Струмица бил физички нападнат од И.В. од с.Баница. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.06.2025 во 21.50 часот во СВР Струмица, М.А.(21) с.Банско, струмичко, пријавила дека во 17.30 часот во с.Банско, неговата сопруга З.Д. била физички нападната од И.А., А.Ф., А.А., И.М. и А.А., сите од с.Банско. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

Денеска (04.06.2025) во 00.30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле 37-годишната Б.К. и Н.Д.(39), двајцата од Скопје, затоа што околу 00.25 часот на подрачјето на Карпош се однесувале агресивно кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 03.06.2025 во 22.15 часот во СВР Скопје, Е.А.(63) од Скопје пријавил дека околу 19.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од Љ.„Н“ од населба Кисела Јабука, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.06.2025 во СВР Скопје, од социјален работник е пријавено дека околу 01.40 часот на подрачјето на Бит Пазар,  16-годишна малолетничка била физички нападната од нејзината 38-годишна мајка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.06.2025 во 19.45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Идризово, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, нарушен е јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Х.Ш.(19), М.Ш.(24), С.Ш.(49) и еден малолетник, од една страна и А.Р.(30) и М.Р.(58) од друга страна, сите од с.Идризово, при што се употребени и тврди предмети.  По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.06.2025 во 07.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека, О.З.(52) од Кина, при изведување градежни работи на автопатот во изградба Кичево-Охрид, кај селото Требеништа, општина Дебрца, паднал од дрвена платформа. Тој е пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид каде му се констатирани тешки телесни повреди опасни по живот. Увид на местото извршија екипа од СВР Охрид и трудови инспектори.  

Мени за пристапност