Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Визија на Полициската академија

"Имаме нешто да кажеме"

 

 

 

 

Полициската академија реализира основна обука за полицаец и континуирани имеѓународни обуки во областа на безбедноста и менаџментот. Согласно одредбите од Законот за внатрешни работи, Законот за полиција и Законот за Средно полициско училиште, Академијата обезбедува сеопфатен систем на полициско образование и стручно оспособување на полициските службеници на сите нивоа, вклучувајќи го и Средно полициско училиште.
Полициската академија е посветена на обезбедување на висококвалитетно образование и обука на вработените во Министерството за внатрешни работи, како и другите агенции за спроведување на законот, врз основа на современите наставни
планови и програми кои ги исполнуваат националните и меѓународните стандарди за квалитет.

Визијата на Полициската академија е да стане центар на извонредност во регионот и да се позиционира меѓу петте најдобри полициски академии во Европа.
Полициското образование директно придонесува за зајакнување на оперативните капацитети на полицијата, која е одговорна за одржување на безбедноста и јавниот ред. Со имплементацијата на новиот полициски образовен модел преку Твининг проектот со Европската агенција за реконструкција, Академијата воведе современ модел на обука базиран на компетенции и фокусиран на суштинските активности во полициската работа.
Академијата посебно внимание посветува на развојот на компетенциите на полициските службеници, кои претставуваат комбинација од знаења, вештини, искуство, ставови и професионално однесување. Компетентноста е основа за успешно и
професионално извршување на полициските задачи на сите нивоа. 

Обуката е насочена кон доживотно учење, со што се обезбедува постојано стручно усовршување на полициските службеници во текот на целата нивна професионална кариера. Академијата создава соодветни услови за континуирано образование и
обезбедува поддршка за полициските службеници да ја преземат одговорноста за сопствениот професионален развој. Компетенциите се оценуваат преку објективни методи, вклучувајќи практични тестови, симулации и теренско оценување, со учество на независни оценувачи – искусни полициски службеници од сите сектори на Министерството.

Обучувачите и теренските ментори, како високо квалификувани експерти, играат клучна улога во процесот на обука. Тие ги подготвуваат слушателите за успешно интегрирање на теоретските знаења со практичната примена на теренот. Полициската академија активно развива меѓународна соработка преку заеднички обуки и размена на искуства, со што се придонесува за зајакнување на регионалната и меѓународната безбедносна соработка.
Во тој контекст Полициската академија, како иницијатор за формирање на Регионалната асоцијација на Полициски академии/Центри за обука на Југоисточна Европа, продолжува да биде носител на голем број активности во рамки на Асоцијацијата, ставајќи ги своите капацитети на располагање на истата, со што продолжува во намерата за зацврстување на своите позиции во регионот како препознатлива алка во спроведувањето на специфични обуки и оперативни процедури во областа на безбедноста.

Крајната цел на Полициската академија е да подготвува високо компетентни и професионални полициски службеници кои ги почитуваат Уставот и законите, ги штитат човековите права и различностите и ја зголемуваат довербата на граѓаните во полицијата како сервис на граѓаните и државата.

Со јасна визија, континуиран развој и соработка со меѓународните партнери, Полициската академија се стреми кон позиционирање како една од водечките институции за полициска обука во Европа.

 

Мени за пристапност