15 јули 2019

Превентивен проект на СВР Тетово за заштита од кражби

Секторот за внатрешни работи Тетово,овој месец започна со имплементација на нов превентивен проект „ Превенција од тешки кражби“, чиј носител и координатор на активностите е Отсекот за превенција.

Во рамките на проектот планирани се вкупно 27 средби со граѓани, кои ќе бидат оргнизирани во Тетово, Гостивар, Пирок, Чегране, Врапчиште, Челопек, Неготино, Дебреше и во други места на подрачјето.На средбите, кои се предвидени во урбани, месни заедници и куќни совети, граѓаните поблиску ќе се запознаат со формите и начините за најефикасна заштита од вакви кражби, особено во текот на летноодморската сезона.Ова, дотолку повеќе што во летните месеци голем број граѓани подолго време отсуствуваат од куќите и становите или ги оставаат своите возила во дворовите.

На граѓаните, посебно ќе им се обрне внимание да не постираат информации и фотографии на социјалните мрежи дека моментно не се дома, туку дека се наоѓаат во некој туристички центар, задолжително да ги заклучуваат вратите, да ги затвораат прозорците и квалитетно да ги обезбедат објектите со наменска алармна или друг вид опрема.И не само тоа, туку и да не оставаат вреден накит или пари во домовите пред да заминат на одмор.

Во проектот, исто така, предвидено е зајакнување на полициските патроли во вечерните часови, кога и најчесто се извршуваат ваквите кражби, најмногу во куќи и станови.