26 јуни 2019

Министерот Спасовски на седница на Локалниот совет за превенција на Дојран

 Локалниот совет за превенција како меѓуинституционално тело претставува извонредна можност за навремено и точно детектирање на сите предизвици важни за функционирањето на една локална средина, но, уште повеќе - можност за локално стратешко планирање и нудење сеопфатни решенија кои ќе бидат целосно во интерес на сите жители на општината, рече министерот Оливер Спасовски на денешната седница на Локалниот совет за превенција на општина Дојран.

-Партиципацијата на полицијата во работата на Локалниот совет за превенција за нас во Министерството за внатрешни работи е од исклучителен интерес како во поглед на продлабочување на комуникацијата со граѓаните, така и во поглед на интензивирање на таа соработка особено во контекст на нашата примарна цел да ја етаблираме полицијата како реален сервис на граѓаните.  Само преку блиска, секојдневна и отворена комуникација меѓу граѓаните и полицијата можеме да претендираме на подинамично зголемување или подобрување на квалитетот на живеење, од аспект на проблематиките и работите за коишто законски е обврзана и надлежна полицијата. Всушност, токму блискоста и соработка го сочинуваа темелот на ефикасното превентивно делување- рече министерот Спасовски.

Оттаму, рече Спасовски, а во контекст на претходно изреченото, сметам дека оваа средба денес претставува одличен пример за тоа како локалната самоуправа треба да се справува и да делува, не само во насока на благовремено превенирање на сите потенцијални проблеми, туку и во насока на севкупно подобрување на стандардите и сигурноста на живеење на сите граѓани во рамки на општината. 

-Се разбира, секоја локална самоуправа има свои специфики, што тргнуваат од различитоста на потенцијалите и капацитетите со кои што располага која било локална средина. Тие специфики, пак, ја детерминираат, условно кажано - агендата на работа и функционирање на Локалниот совет за превенција, како што е впрочем случајот и со локалниот совет при општината Дојран, особено за теми како што се на пример туристичката сезона која што веќе започнува, или превенцијата и заштитата од пожари, исто така горлива и важна тема што ја тангира општината Дојран- рече Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на Дојран Анго Ангов на која разговараа за меѓусебната соработка во корист на граѓаните од оваа општина, како и за обновувањето на врската меѓу локалната заедница и полицијата, нешто на што ова раководство на МВР работи во целиот овој период откако е во Министерството.