Вчера (11.02.) полициски службеници од СВР Битола на целата територија во надлежност на Секторот за внатрешни работи Битола реализираа едукативно-превентивна активност „Не пиј кога возиш“, насочена кон подигнување на степенот на безбедносна култура и на свеста кај граѓаните за зголемена внимателност и будност кај сите учесници во сообраќајот, што треба да придонесе за повисока безбедност во сообраќајот.
Притоа, полициските службеници од Отсекот за превенција, во соработка со колеги од Битола, Прилеп, Демир Хисар, Ресен и Крушево, како и со Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата, на повеќе пунктови во овие градови и во приградските населби, на возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот, низ непосредна комуникација им укажуваа на доследно придржување кон правилата и прописите во сообраќајот, почитување на поставената сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација, исклучиво придржување кон дозволената брзина на движење со моторни возила и некористење мобилни телефони во текот на возењето.
Посебно беше посочено дека, управување моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано и дека законските санкции, во такви случаи, ќе бидат доследно и неселективно применувани. На возачите на моторни возила, им беа поделени летоци и друг едукативен материјал, изработен во соработка со РСБСП со низа практични совети кои водат кон јакнење на личната, но и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.