07 февруари 2025

Превентивни активности на ОВР Кавадарци за заштита од измами и кражби, како и за побезбеден сообраќај

Од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, денеска (07.02.) во пензионерскиот дом во Кавадарци, беше спроведена превентивна активност во рамките на кампањата на министерството насловена како „Градиме пријателство-создаваме безбедност“, а поврзано со превенцијата  од измами и кражби врз повозрасни лица и пензионери. 

Полициските службеници им  појаснуваа и укажуваа на граѓаните за законскиот третман на различните форми на имотен криминал, потоа за тоа како да се заштитат од измами, како да го заштитат својот дом од кражби, односно што да преземат со цел да се заштитат од сторителите на вакви кривични дела.
Инаку, покрај ова, и од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци, на подрачје на Кавадарци, беше реализирана превентивната активност под мото „Биди подготвен за безбедно патување во зима“. 
Основната цел на активноста беше зголемување на сообраќајната култура во насока на почитување на нормираните одредби за сезонско користење на зимска опрема и зимски пневматици, за важноста од почитувањето на прописите, пред се од аспект на личната и колективната безбедност во сообраќајот. Дополнително, на возачите покрај укажувањата им беше поделен и едукативен печатен материјал изработен од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.